Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски денес имаше средба со амбасадорката на Кралството Шведска, н.е. Кристин Форсгрен – Бенгтсон.
На средбата, градоначалникот Коњановски ја информираше амбасадорката за приоритетите на делување на локалната самоуправа, а се разговараше и за идните можности за соработка на општината со програмите кои ги овозможува амбасадата, како и за потребата од брзо евроинтегрирање на државата со цел создавање подобри можности и перспективи за граѓаните.
Градоначалникот Коњановски и амбасадорката Форсгрен Бенгтсон, по средбата во Кабинетот, присуствуваа на настанот кој се одржа на Плоштадот Магнолија, на кој беше претставена играта „Electionville“, која потекнува од Шведска, а се игра во повеќе земји низ светот, со цел вклучување на младите и збогатување на нивното знаење во врска со функционирањето на демократскиот процес и локалното владеење.
Инаку настанот во Битола беше организиран од страна на Амбасадата на Шведска во партнерство со Младинскиот културен центар, а на истиот зедоа учество 17 ученици од СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“.