Don't Miss
Home / Колумни / Почеток без крај

Почеток без крај

Деновиве, поточно, на 29 октомври, во предвечерјето на свеченото одбележување на 70-годишнината од ослободувањето на Битола, бев во Горно Врановци, каде што новинарите на Нова Македонија го прославуваа својот 70. роденден.

И токму во Горно Врановци, каде што во тоа планинско село, над Чашка, точно на 29 ок-томври 1944 година, бил отпечатен првиот број на Нова Македонија, се уверив колку на луѓето пред 70 години, кога се наѕираше слободарското сонце над Македонија им значеше излегувањето од печат на првиот број на Весникот, со кој цели 70 години почнува денот во слободарска, а сега и независна Македонија.

Токму во Горно Врановци можев од историчарот и хроничар Азевски да слушнам со каква љубов и ентузијазам луѓето кои ја навестија слободата во далечната 1944 година го очекуваа излегувањето од печат на првиот број на Нова Македонија.

Требаше да се има огромна желба, љубов, а пред се и храброст, во се уште неослободената територија на Македонија, на раце да се транспортира печатницата во една напуштена куќа, во подножјето на Врановци, за да се испечати првиот весник на македонски јазик. Во една таква славеничка и опуштена атмосфера, Нова Македонија, во пресрет на свечената академија, која три дена подоцна се одржа во Музејот на македонската борба, го одбележа својот 70. роденден, на кој присустваа голем број гости и официјални лица, како и речиси целиот државен врв. Но, во оваа прилика, јас нема да пишувам за славењето на Нова Македонија, чиј член на редакција сум веќе подолго од 1,5 година.

Поводот за пишување за славењето на Нова Македонија е токму мислата што ја слушнав во Горно Врановци од еден стар новинарски беседник, дека Нова Македонија е весник, кој има свој почеток, но кој нема крај. Таквата мисла се врежа во моите мисли и многу ме потсети на зборовите на фановите на Тоше, за жал, изречени по неговата трагична смрт дека Тоше има само ден на раѓање. Како човек кој долго е во новинарството мене ме радува секој почеток. Па, така, иако бев доста скептичен, во некоја смисла се израдував кога на македонскиот медиумски простор, токму во деновите кога најстариот весник во државата го славеше својот 70. роденден, на киосците се појави (нај)новиот дневен весник во државата Политико, на контроверзниот Саше Политико.

И токму по појавата на Политико ми се јави еден мој стар пријател, кој ме исканфузи што ете “пилиштарецот“ Саше Политико извадил дневен весник, а Битолски весник останал неделен. Иако се трудев да му објаснам дека лесно е да извадиш весник, па и дневен, но тешко и макотрпно е истиот да го задржиш, сепак, мислам дека не успеав во тоа. За жал, векот на Политико, кој требаше да ја надживее Нова Македонија, траеше само 7 дена или само 7 броја. Доволен период за и самоуверениот Саше Политико да сфати дека денес е лесно да извадиш весник од печат, но многу тешко е да го задржиш. И така, во деновите на славеничката атмoсфера на Нова Македонија и кусата и тажна приказна на Политико, ја добив веста дека Битолски весник, кој оваа година слави 50 години од излегувањето на првиот број, ја доби Четвртоноемвриската награда.

Добивањето на наградата “4 Ноември“ за Битолски весник претставува уште едно од многуте признанија кои во изминатите 50 години ги има добиено Битолски весник. Оваа награда која ја доби редакцијата на Битолски весник, особено ни значи, бидејќи со нејзиното добивање Битола, градот за кој толку многу мастило имаме потрошено во сите овие 50 години, на најубав начин ни се оддолжи.

Добивањето на оваа награда за нас во Битолски весник, кои сега ги полниме неговите ст-раници, значи не само признание, туку и огромна обврска да се истрае на патот, кој го одиме веќе 50 години. Иако времињата се тешки, па во некои периоди дури и налудничави, по добивањето на најголемото општинско признание на Битола, сум уште повеќе убеден дека, како и Нова Македонија, така и Битолски весник има само почеток, без крај.

Кога пред 50 години првата редакција на Битолски весник, предводена од првиот главен уредник Владо Ласковски, ги постави темелите на Весникот, сигурен сум дека и тие не веруваа дека Битолски весник ќе опстои 50 години. Денес, јас како нивни ученик, кој преку 20 години сум на чело на Битолски весник, сакам да ги уверам нив, а и сите други кои вградиле макар едно камче во темелите на Весникот, дека Битолски весник е во сигурни раце и дека тој е весник кој има почеток, но кој нема крај.

Иако многумина за сите овие години во зависност од тоа колку (не)успевале Битолски весник да го направат свој, му го посакувале крајот на Весникот, а такви, за жал, ги имало, а ги има и сега, Битолски весник се уште опстојува и продолжува да ја испишува историјата на градот. Ако некој се прашува како успеваме во тоа одговорот е сосема кус: Нам, за разлика од некои други, во подготовката и печатењето на Битолски весник не не водат никакви други интереси, освен интересот да го зачуваме Весникот, кој 50 години ја испишува историјата на Битола.

Добивањето на наградата “4 Ноември“ е најдобра потврда дека тоа е премногу мала жртва за тоа што ние како луѓе во Весникот му го должиме на градот, за кој толку многу сите сакаме да кажеме дека многу го сакаме.

 

 

 

Автор:  Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*