Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Марко Ѓоргиевски при денешната посета на Еразмус+ Инфоцентарот во Битола рече дека Националната агенција во рок од 30-45 дена треба да врати околу два милиони евра, пари што наводно биле злоупотребени преку Еразмус плус програмата на Европската унија.
-За рокот на враќање на тие финансиски средства и целокупната постапка, во консултација со вицепремиерот Маричиќ и со Министерството за финансии ги разгледуваме сите можни опции како да ги вратиме средствата. Знаеме дека во моментот имаме техничка влада за изборите и со новиот ребаланс после изборите, сигурно овие средства ќе бидат предвидени, но, дотогаш ќе изнаоѓаме начини заедно со Министерството за финансии да ги вратиме овие средства-рече при денешната посета на Битола, директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Марко Ѓоргиевски.
Според заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ се бараат начини за да се дојде до формула во којашто дел од средствата ќе бидат вратени, а дел од средствата би можело да бидат одбиени од некои идни проекти, за да не мора да се враќа толкав износ.
-На добар пат сме тоа да го договориме. Целта е ова во иднина да не се повторува, да има една позајакната контрола и да има начин како да се препознаат и во текот на реализацијата на проектите да има повеќе механизми за контрола за да не се повторуваат вакви ситуации. Најпрво е важно да се утврди целата вистина и сите околности и тоа е веќе работа на истражните органи и Обвинителството. По нашите информации сите документи се предадени и од Обвинителството комплетно имаат увид во документацијата, и јас верувам дека брзо ќе излезат со објаснување што се случило таму. Штом тој процес заврши, според постапката, Агенцијата има право да бара од оние лица за коишто е утврдена злоупотреба, да ги вратат средствата назад и тоа според мене е многу важно и неопходно за да не се повторуваат ваквите ситуации и секој што влегува во извршување на такви злоупотреби да се замисли и да биде спречен тоа да го направи, бидејќи штетата ја трпат сите.Ова се прекрасни програми за младите, и мора да се задржи репутацијата на оваа одлична програма-изјави денес во Битола, вицепремиерот Бојан Маричиќ.
Еразмус+ Инфоцентарот во Битола претставува децентрализирана канцеларија на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Еразмус програмата е една од најдобрите програми на Европската унија, а студентите од Битолскиот универзитет кои заминале на пракса на мобилност или друг настан, велат дека искуствата и во формланото и во неформалното образование што го стекнале надвор било клучно за нив како студенти.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска рече дека Еразмус програмата е една од најфлексибилните програми во Европската унија и токму во овој простор во Битола ќе се имплементираат нови проекти, кои пред сè ќе бидат иницирани од младите.
-Тие со својот глас и активизам станаа сојузник во градењето на државата и создавање можности и токму затоа влогот во младите е влог во нашата држава. Како Министерство за култура во континуитет им помагаме на младите да се зајакнат во креирање на европските проекти и активно да учествуваат во програмата „Креативна Европа“ на ЕУ како една од најважните алатки за поддршка на европската културна соработка изразена преку културното промовирање на вредностите и различностите-рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска при посетата на новоотворениот Еразмус+ Инфо центар во Битола.
Васка М.Младеновска