Don't Miss
Home / Вести / Планинарскиот дом „Копанки“ на Пелистер и за овие избори на политичките скијачки патеки

Планинарскиот дом „Копанки“ на Пелистер и за овие избори на политичките скијачки патеки

Како и во претходните изборни циклуси, така и пред овие претседателски и парламентарни избори, во Битола, повторно е актуелна реконструкцијата на „Копанки“ култниот планинарски дом на Пелистер кој целосно изгоре во страотен пожар во 2013 година.

За „Копанки“ по којзнае кој пат деновиве дебатираа советниците во Советот на Општина Битола. И покрај тоа што според советникот на СДСМ, Борче Корлевски досега од страна на Општината Битола се потрошени над 6 милиони денари, сè уште реконструкцијата на објектот не е ниту почната да се реализира.

-Како СДСМ она што го зборувавме кога бевме на власт и сега, секогаш сме гласале за реконструкција на Планинарскиот дом „Копанки“ но, таму постои проблем бидејќи станува збор за приватен субјект. И не може Општината Битола да вложува финансиски средства во приватен субјект. Само минатата година 6,8 милиони денари Општината платила за „Копанки“ а реализацијата за изградбата на објектот е нула-вели советникот на СДСМ, Борче Корлевски.

Според координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Бојкоски реконструкцијата на Планинарскиот дом „Копанки“ ќе чини близу 500 илјади евра, а не како што првично се мислеше дека реконструкцијата ќе чини до 100 илјади евра.

-Планинарскиот дом „Копанки“ во првичните разговори што ги имавме со Здружението ПСК Пелистер се мислеше дека ќе чини до 100 илјади евра, и дека постои проект и треба само да се дадат финансиските средства. Општината издвои 3,8 милиони денари за реновирање на Планинарскиот дом „Копанки“. Бидејќи проект не постоеше, тој се изработи и стигнавме до сума во висина од близу 500 илјади евра. Толку чини реконструкцијата на Планинарскиот дом „Копанки“. Сега, има изработен проект, ревизија, дозвола и Општината Битола треба да изнајде финансиски средства и можност Планинарскиот дом „Копанки“ да биде реконструиран. Точно е дека еден милион денари во буџетот на Општина Битола за 2024 година се недоволни за да се види некаква напредна фаза од изградбата на „Копанки“. Затоа треба на некои од наредните седници на Советот, по завршувањето на изборите, да се доделат поголеми финансиски средства, за да не ни се случи 10-12 години да го градиме Планинарскиот дом „Копанки“-рече координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Бојкоски.

Советникот на „Поинаку“ Иван Чулакоски рече дека при првиот состанок со Здружението ПСК Пелистер, советниците биле информирани дека за „Копанки“ постои готов проект, започнати се незначителни градежни активности, а останатиот дел од „Копанки“ што треба да се направи би чинел околу 160 илјади евра.

-Сега имаме проблем, започнува градежната сезона и во општинскиот буџет нема пари, бидејќи таква беше проекцијата. Дека некој приватен спонзор ќе ја финансира изградбата на „Копанки“ тешко. Во неколку наврати имаше донации за Планинарскиот дом, но, не знаеме дали тие донации биле злоупотребени или неевидентирани. Единствено, ни останува да ги повикаме од Планинарското друштво Пелистер и на заеднички состанок да се договориме што понатаму и тоа да се реши во најбрз можен рок. Јас сум сигурен дека не до крајот на мандатот на актуелниот советнички состав, туку и во наредните десет години тоа нема да се заврши, а сепак разговараме за објект што е точно дека е на непристапен терен, но, со поголема ангажираност на градежни фирми, тоа може брзо да се реализира-рече советникот на „Поинаку“ Иван Чулакоски.

Советниците на партијата „Левица“ не се оптимисти дека ќе се изгради култниот планинарски дом на Пелистер.

-„Копанки“ се гради со пари од граѓаните а објектот ќе биде во приватна сопственост. Во договорот стои дека „Копанки“ ќе служи за основци и средношколци, во истиот нема никакви бенефиции за граѓаните на Општина Битола, туку има за општината како институција и тоа го напоменав во неколку наврати. Ако изградбата ќе ја чини Битола 500 илјади евра за приватни цели на Здружение, спорно е што во договорот на Општината Битола со ПСК Пелистер, постои момент каде што Здружението доколку одлучи да згасне, сопственоста нема да му ја префрли на Општината Битола, туку ќе му ја префрли на друго здружение во иста дејност-предупреди советникот на Левица, Гаврил Трајковски.

Во врска со реконструкцијата на Планинарскиот дом „Копанки“ претседателот на Планинарско-скијачки клуб Пелистер Диме Попов вели:

-Реконструкцијата на „Копанки“ пред секои избори станува дежурна тема во Битола. Неколку години, во мандатот на екс градоначалничката Наташа Петровска се влечкавме по судови за да ја докажеме сопственоста и дека „Копанки“ не е див објект. Тој почна да се гради. Откако изведувачот не сакаше да гради без изработка на проект и негова ревизија, со што се согласи и Општината Битола, сите внатрешни делови на објектот се турнати и реконструкцијата почна по изработката на проектот и неговата ревизија. Досега сме стигнати до првата плоча. За секој потрошен денар, има документација којашто е доставена до Општината Битола, која е и инвеститор на реконструкцијата. Засега, до објектот е однесен речиси целокупниот градежен материјал и очекуваме по Рамазанските празници фирмата изведувач да ја продолжи реконструкцијата. Со фирмата „Стентон градба“ којашто со своите подизведувачи треба да го реконструира домот „Копанки“ е потпишан договор за реконструкција до карабина. Колку ќе изнесува вкупната реконструкција на домот и со внатрешниот дел за тој да биде ставен во функција, во овој момент немаме пресметка. Преговараме со други изведувачи коишто ќе го градат внатрешниот дел, ќе ја постават електричната енергија и водоводната инсталација. „Копанки“ не е приватен имот и ние планинарите така не го доживуваме. Тој е на сите планинари, не само на Битола, туку и во државата. Мислам дека е крајно време еднаш сите да седнеме и да се договориме да го реконструираме домот „Копанки“ – изјави за „Слободен печат“ Диме Попов, претседател на ПСК Пелистер.

Васка М.Младеновска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*