Синоќа, во фоајето на НУ Центар за култура Битола беше отворена изложбата на фотографии на Диоген Хаџи-Коста Милевски, насловена „Монодиоптрија“.
Изложбата “Монодиоптрија“ е визуелно патување и ретроспектива на најмоќните моменти од Интернационалниот Фестивал на монодрама во периодот 2019 – 2023 година и содржи 30 фотографии кои ги визуелизираат емоциите и суштината на ликовите толкувани од 25 актери, во монодрамите одиграни на сцените на фестивалот во изминатите години.
На изложбата присуствуваше и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.
Директорката на Центарот за култура Битола, Маја Андоновска- Илијевски која ја отвори изложбата истакна дека ако за театарот велат дека е уметноста на мигот, тоа истото важи и за фотографиите, посебно за оние кои се дело на Диоген Хаџи-Коста Милевски.
–Тој ги има „уловено“ најдобрите театарски мигови во последните пет-шест години од Фестивалот на монодрамата. Јас како актер знаев како треба да изгледа фестивалот, тимот тоа го реализира, а Диоген е една алка од тој тим. Оваа изложба е вовед на Фестивалот на монодрамата. Би сакала да кажам дека оваа изложба е повеќе од успешна, бидејќи кога светлата ќе се изгаснат и актерите ќе си заминат дома, нам ни остануваат овие фотографии кои сега се пред нас–истакна за изложбата директорката на Центарот за култура Битола, Маја Андоновска -Илијевски.
Авторот на изложбата Диоген Хаџи-Коста Милевски на отворањето на изложбата посочи дека „Мондиоптрија“ е продолжение на проектот од мината година кој беше насловен “Фестивалска диоптрија“.
-Овој проект е создаден од довербата која ја има меѓу себе тимот кој го организира Фестивалот на монодрамата во Битола, што е своевиден, наш, бисер битолски. Сакам преку овој проект да ја раскажеме приказната за монодрамата и битолчани од Широк Сокак, да ги донесеме во салите каде се играат монодрамите, а тоа се случува благодарение на сите кои сме вклучени. Ако “Фестивалска диоптрија“ беше најава за “Монодиоптрија“ е фокусирана на монодрамата, а зборот е моја кованица. Во процесот на селекција беа избрани 25 фотографии кои се од една голема колекција, но, сигурно има уште многу фотографии кои заслужуваат да бидат изложени тука.
Изложбата се состои од 30 фотографии кои ги визуелизираат емоциите и суштината на ликовите толкувани од 25 актери, во монодрамите одиграни на сцените на Фестивалот во изминатите години–рече авторот на изложбата Диоген Хаџи -Коста Милевски.
Изложбата „Монодиоптрија“ публиката ќе има можност да ја погледне до 31 мај во фоајето на Центарот за култура.
Изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура, а партнери на проектот се Центар за култура Битола и Здружението Center for European Development and Integration од Битола.
Оваа изложба е увертира во 25-тото издание на Интернационалниот Фестивал на монодрамата во Битола.