Општина Битола се подготвува за реализација на уште едно културно лето, исполнето со квалитетни културни содржини, нови концепти и традиционални манифестации.
Најголемото музичко доживување во Битола ќе се случи на 3 јули на стадионот под „Тумбе кафе“ кога и официјално ќе биде отворен 16 тиот „Битфест“ со музичкиот спектакл кој според локалната самоуправа ќе постави нови стандарди во културата и музичкиот живот во градот под Пелистер.
–Спектакуларниот музички настан на трети јули на стадионот „Петар Милошевски“ убедени сме дека ќе предизвика голем интерес кај публиката, не само од Битола туку и од соседните градови. Верувам дека овој музички настан ќе го привлече вниманието на публиката од целата држава. Музичкиот настан го организираме со Камерниот оркестар, а програмскиот дел ќе започне со содржини за најмладите или таканаречена мини олимпијада по чие што завршување ќе следува загревање на атмосферата со настап на ди џеи до официјалното отворање во 21 часот и настапот на главните ѕвезди на вечерта- најави на денешната прес-конференција градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Тој додаде дека главниот акцент на годинашното Битолско културно лето ќе биде ставен на квалитетна културна понуда.
–Тоа значи дека на овој „Битфест“ покрај за традиционалните манифестации како фестивалите „Илинденски денови“ и „Шекспир фестивалот“, ќе дадеме простор и за нови културни настани и манифестации коишто ќе бидат во согласност со утврдени критериуми за квалитет. Со оглед на фактот дека бевме во изборен период, досега не бевме во можност да објавиме Јевен повик за доставување на понуди за културни настани, но, кога и официјално завршија правните процедури во овој дел, ќе следува јавна објава која ќе се однесува на настани што ќе се реализираат од први до 31 август. На тој начин ќе овозможиме квалитетна културна понуда која убеден сум дека ќе ја зголеми туристичката посета на Битола што е значајно и од економски аспект а истовремено ќе понуди културни содржини во коишто ќе уживаат битолчани- додаде градоначалникот Коњановски.
Владимир Димовски, директор на Битолскиот Камерен оркестар информирајќи за музичкиот спектакл што за првпат ќе се одржи на стадионот во Битола, рече дека концертот ќе ги помести границите за организирање на настани и ќе покаже дека Битола може да биде домаќин на спектакуларни музички случувања.
–Како дел од организацискиот тим задолжен за музичкиот дел, можам слободно да истакнам дека овој настан ќе биде незаборавен. Лично, не се сеќавам кога се одржал концерт на стадионот во Битола. Нашата главна цел е да ги поместиме границите за организирање на настани во нашиот град и да покажеме дека Битола може да биде домаќин на спектакуларни случувања на светско ниво. Концертот на стадионот ќе донесе публика од сите градови во Македонија. Ќе настапат српската пејачка Констракта, Каролина Гочева, „Суперхикс“, „Паркети“, „Бас Брадерс“ и други локални артисти. Секој од нив ќе донесе уникатна енергија и музика создавајќи вечер која ќе остане запаметена долго време- рече на денешната средба со новинарите, директорот на Битолскиот Камерен оркестар Владимир Димовски.
Од Битолската локална самоуправа велат дека техничката опрема, сцената, осветлувањето за музичкиот настан на стадионот под „Тумбе кафе“ ќе бидат на највисоко ниво, со што на публиката ќе им приреди извонредно музичко уживање.
Во следните денови јавноста ќе биде информирана за продажбата на влезниците и програмата за концертот кој според најавите ќе постави нови стандарди во културата и музичкиот живот во Битола.
Васка М.Младеновска