Со пригодна свеченост, денес, во Европската куќа при Офицерскиот дом во Битола беа одбележани 70 години од формирањето на Државниот архив-Одделение Битола.
–Државниот архив Одделение Битола со одлука на тогашниот Народен одбор на Битолската околија, на 26 мај 1954 година беше основан како локална институција под надлежност на општините. Од тогаш, до денес, својот облик го менуваше во неколку наврати како и името, за денеска да е најпрепознатлив називот Историски архив. Денес го прославуваме развој на оваа институција, со бројните предизвици и пресвртници што и се случуваа- рече Гоце Стојановски, раководител на Државниот архив-Одделение Битола кој од 1991 година е под државна капа и е владина институција.
Битолското одделение е едно од поспецифичните одделенија на ниво на Македонија, затоа што ја има една од најголемите фотографски колекции на Балканот, тоа е колекцијата на браќата Манаки.
– Тоа претставува голема колекција, но, не е само тоа. Имаме 1070 фондови и збирки од различни периоди. Имаме документи коишто се најстарите во Македонија, кои потекнуваа меѓу 13 и 14 век, што претставува куриозитет во чувањето на такви документи. Битолскиот архив е специфичен бидејќи и самото поднебје на Битола имала една турбулентна историја, еден простор во едно време кое носело големи промени во рамките на светската историја-вели Стојановски.
Тој додава дека во Битолскиот архив има документи на македонски јазик не само од поновата историја кои се доминатни, туку и документи од различни периоди пишувани на различни јазици, и тоа е уште една негова специфичност.
–Збирката на Манаки се состои од документи како што се нивната лична документација, 6 архивски кутии, стаклените плочи негативи кои ги има околу 7 илјади, десет илјади оригинални отпачатени фотографии итн. а како што е јавно познато меѓу опремата нивна која е во наша сопственост е фамозната Камера 300, првата камера на Балканот- рече Стојановски и додаде дека Фондот на Браќата Манаки со процес на дигитализација го реализираат со грант од Британска библиотека.
-Некогаш сме принудени да бараме партнери надвор од државата, за да можеме да го заштитиме нашето културно наследство. Не дека не се вложува, едноставно јас верувам дека можеби е тоа проблем и во другите земји, тоа не е само кај, но, мора да се добие позаслужено место и внимание-дециден е Стојановски.
Најстариот документ во Битолскиот архив датира помеѓу 13-15 век, тоа се Тора свитоци, вкупно четири, религиозни книги пишувани на старо хебрејски јазик. Потоа има еден фонд што моментно се чува во централното Одделение во Скопје и е познат како Битолски кадилак, фонд во кој се судењата од 16 век.
На денешната свеченост во Битола, беше промовирана јубилејната Монографија „ Битолски архивски хронотоп: 70 години Архив Битола“.
Во неа, за првпат аналитички и дискурзивно се опфатени основните столбови на архивската дејност, како и важните искуства на плејадата архивски работници кои работеле во институцијата, од 1950 те до денес. Монографијата дава осврт и поттик за архивската дејност да добие позаслужено место во општеството и да добие поголемо внимание од државата.
–Постои една максима која вели „Без документација нема нација“, мора и нашата држава и било која влада да е, да се потруди да вложи што повеќе капацитети во архивите и во зачувување на ова би го нарекле културно наследство- вели Гоце Стојановски, раководител на Државниот архив-Одделение Битола.
Инаку, зградата на Битолскиот архив е изградена во 1980 година како наменска зграда, има административен простор и свое депо, адиминистративните кацеларии според раководителот Стојановски се во добра состојба, но најнеопходно според него е реконструкција на самото депо и подобри услови за чување на архивскиот материјал.
Васка М.Младеновска