Don't Miss
Home / Вести / Инфраструктурни зафати во поранешната Касарна-изградба на улица СТУ 3 АРМ

Инфраструктурни зафати во поранешната Касарна-изградба на улица СТУ 3 АРМ

Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски, заменик градоначалникот Бојан Бојкоски, директорот на КЈП „Нискоградба“ Зоран Талевски и дел од вработените во општинската администрација , задолжени за реализација на градежните проекти во населбата АРМ, извршија теренски увид во активностите за изградба на атмосферска и фекална канализација на улица СТУ 3 АРМ четврт 1, информираа од Општина Битола.

На оваа локација е предвидена канализациона мрежа за фекална канализација со должина од 404,8 м и атмосферска канализација од 601,74 м. Вкупната вредност на зафатот е 7.469.131 денари, со период на изведба од 40 работни дена, а работите ќе ги изведува во целост КЈП „Нискоградба“.Во следна фаза ќе се поставува водоводна инсталација со должина од 398 м со вредност од 2.000.000 денари, а работите на терен ќе ги изведува ЈП „Водовод“. Коловозот на новопроектираната улица СТУ 3 која ќе ги поврзува улиците „Глигор Прличев“ и „Рокдајл“ ќе биде со вкупна должина од 421 метар, со над 100 нови паркинг места во овој реон. Вкупната вредност на инфраструктурата е 19.627.446 денари-стои во информацијата од Битолската локална самоуправа.

Додаваат дека решавањето на овој потег, ќе донесе големи инфраструктурни придобивки за локалното население, како и за компаниите, кои гравитираат во овој дел.

Една од компаниите, кои ќе добијат соодветен инфратруктурен пристап е и приватната ИТ компанија X3М Лабс, која беше посетена од општинската делегација.

Градоначалникот Коњановски се запозна со работата на компанијата, која е специјализирана за развој на веб и мобилни апликации, ИТ консалтинг и аутсорсинг.

Оваа компанија вработува 50 лица, а во својата дејност нуди развој на софтвер-комплетни решенија за веб и мобилни апликации, вклучувајќи ентерприсе системи, сигурен трансфер на големи дигитални фајлови, а компанијата соработува со компании од Европа и САД.

Проектот за изградба на оваа улица, покрај редовната реализација во годишната програма, беше на барање компанијата и на останатите субјекти кои работат во овој дел од населбата кај поранешната касарна.

 На средбата со градоначалникот, од страна на вработените во компанијата, беше искажана благодарност за реализацијата на овој проект.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*