Познат лекар од приватната клиничката болница „Аџибадем Систина“ од Скопје стана дел од тимот на Битолската клиничка болница и веќе го води Инфективното одделение.
Д-р Хараламбос Сидиропулос, специјалист по инфектологија е лекарот кој повторно ќе го врати во функција Инфективното одделение во Битолската болница, откако установата остана без специјалист пред речиси две години.

Директорката на Клиничка болница Битола д-р Ненси Лозанче за „АПЛА“ потврдува дека инфектологот д-р Сидиропулос од почетокот на оваа недела е на своето ново работно место во одделението за инфективни болести, веќе работи со пациенти што значи дека Битола и југозападниот регион веќе имаат услови за обезбедување на високо квалитетни здравствени услуги од областа на инфектологијата, со примена на дијагностичко-терапевтски процедури и методи на лекување од страна на искусен и стручен тим.

Актуелниот менаџерски тим на болницата успеа недостигот на специјалист инфектолог да го надмине со преземање на лекар од приватното здравство.
„После долг период и искрената желба за подобрување на третманот на пациентите, еве во моментов го имаме и првиот доктор специјалист инфектолог со трансфер од приватно во јавно здравство, со искрена надеж дека овој тренд ќе продолжи и понатаму со лекари од други специјалности во медицината. Во финална фаза е процедурата за преземање на двајца специјалисти од приватното во јавното здравство “, изјави д-р Лозанче, директор на Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола.
Инфектологот Хараламбос Сидиропулос бил студент на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ -Скопје, а во 2019 се стекнал со специјализација по инфектологија.
Својата кариера ја започнал во јавното здравство каде од 2013 до 2019 работел како приватен специјализант на Универзитетска клиника за Инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, а од 2020 заминал во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ како специјалист по инфектологија.
Речиси пет години подоцна д-р Хараламбос Сидиропулос се враќа во јавното здравство и тоа токму во Битолската клиничка болница.
Текст и фото: Анета Блажевска