Don't Miss
Home / Uncategorized / Битолски адвокати во посета на адвокатите на Србија

Битолски адвокати во посета на адвокатите на Србија

Делегација на адвокати, судии, правници од стопанството и приправници од Битола, во периодот од 21 до 23.11.2014 г. го посетија Белград и најзначајните правни институции на Србија. Членовите на делегацијата го посетија Правниот факултет при Универзитетот во Белград, каде беа примени од продеканот и секретарот на факултетот и се потсетија на многу угледни професори, кои биле ангажирани на факултетот, а се по потекло од Битола.

Битолските правници ја посетија и Адвокатската комора на Србија, каде имаа средба со претседателот адвокатот Шошкиќ и со познатиот адвокат Тома Фила, роден битолчанец.
Исто така, делегацијата го посети и Сојузот на здруженијата на правници на Република Србија и Република Српска, каде од страна на претседателот академик Слободан Перовиќ, беше свечено доделено почесното признание “Литерас онорис” на познатата Копаоничка школа за природно право на доајенот на македонската адвокатура и некогашен претседател на Сојузот на адвокатски комори на Југославија, Сотир Главинче, за особен придонес во унапредувањето на човековите права, борбата за правна држава и афирмација на правната професија.
Во оваа прилика академик Перовиќ одржа и предавање во чест на адвокатите од Битола, за природното право и потребата од донесување на граѓански законик. Тој укажа дека некогашниот југословенски простор не треба само да се усогласува со правото на Европската унија, туку и европското право треба да се усогласува со правото на поранешните ју републики, особено во делот на облигационите односи, чиј основен закон успешно функционирал и важел повеќе од 36 години.

Академик Перовиќ ги информира своите колеги дека во Србија во тек е подготовка на нацртот за граѓанскиот законик, кој ќе се донесе по 70 години, со што ќе се продолжи традицијата од 1844 г. кога Србија беше трета држава во светот, по Франција и Австрија, која имала свој граѓански законик.
Посетата беше организирана на заедничка иницијатива и несебично залагање, ангажман и помош на секретарот на Сојузот на здруженијата на правници на Србија, судијата Предраг Васиќ, по потекло од Битола од познатата фамилија Пикуле, кој ги покани своите македонски колеги да му се придружат на овогодишната 27. копаоничка школа за природно право, која ќе се одржи од 13-17.12.2014 на Копаоник, на општа тема: “Право и начелото на совесност и чесност“.
Делегацијата на крајот од посетата на Белград, беше примена во Белиот двор од принцезата Катарина Караѓор-ѓевиќ, на која, како и на останатите официјални лица, и беше подарена литература од изданијата на Почесниот конзулат на Република Србија во Битола и пригоден рекламен материјал за нашиот град, а воедно беше поразговарано од потребата да продолжат позитивните меѓусебни односи во сите професии и сфери помеѓу двата пријателски народи, а посебно помеѓу Битола и Белград, како градови со своја заедничка традиција, дух и култура.
 

 

Автор:  Никола Главинче

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*