Don't Miss
Home / Uncategorized / Магијата на Широк сокак посилна отколку на Менхетн

Магијата на Широк сокак посилна отколку на Менхетн

Поради неговите чести враќања тој во шега вели дека секој слободен момент го користи да тркне до Битола. Дека тоа не се само празни зборови потврда е неговата одлука да си купи стан во градот, а веќе неколку години покрај зградата каде што живее е паркиран неговиот „мустанг“ што си го донесе од САД.

Кога во далечната 1970 година 11-годишниот Цанко Којчевски замина за САД, за разлика од другите печалбари, ја немаше носталгијата за родниот крај. Беше дете и сѐ уште не знаеше многу за животот, а таму во Њујорк го очекуваше неговиот татко, кој пред тоа имаше заминато за Америка. Всушност, Цанко, како што вели, никогаш не „боледувал“ од носталгија, бидејќи во САД живеел заедно со целата негова фамилија, која подолго од 50 години „привремено“ живее во САД.

                           

                            На печалба не се  чувствувал како печалбар

 

За себе вели дека никогаш не се чувствувал ни како печалбар, зашто, за разлика од најголемиот број наши иселеници, тој во САД не заминал да печали, што би рекол народот, бели пари за црни денови, туку поради сплет на околности, па затоа сѐ што ќе спечалел во животот тој го трошел. Можеби ќе звучи иронично, но Цанко, за разлика од многу наши иселеници, за себе вели дека не знае и што е тоа штедење. Во животот навикнал да работи и тоа што ќе го заработи да го потроши.
Сосема во согласност со неговото несекојдневно поимање на животот, тој почесто може да се види во Битола, во неговото омилено место, кафулето „Пајтон“ на Широк сокак, отколку во САД. Вообичаено тој во годината најмалку еднаш е во Битола, а понекогаш дури и по два-три пати во текот на една година. Некогаш тој знае да одлета за САД и по само нецел месец повторно да се врати во градот под Пелистер. Битолчани него веќе не го чувствуваат како странец и тие што се дружат со него не знаат кога тој се вратил во САД или кога повторно пристигнал.

Поради таквите негови чести враќања тој во шега вели дека секој слободен момент го користи да тркне до Битола. Дека тоа не се само празни зборови потврда е неговата одлука да си купи стан во градот, а веќе неколку години покрај зградата каде што живее е паркиран неговиот „мустанг“ што си го донесе од САД, затоа што е заљубен во него, а како што вели во шега, само со него може да се движи по тесните битолски сокаци.
– Можеби ќе звучи иронично, но јас со некои мои пријатели, битолчани од САД, почесто се гледам во Битола отколку таму. Затоа, кога ќе се видиме во Америка, наместо да се договараме да се видиме во Њу Џерси, се договараме да се видиме на Широк сокак. Во САД немаме време да се видиме, а камоли да се дружиме или да се посетуваме. Таму сите сме (пре)зафатени, па буквално немаме време за ништо. Единствено можеме да се видиме во црквите за време на некои црковни празници – ни раскажува Цанко Којчевски, кој уште како мал ја почувствувал целата суровост на капитализмот во САД.
Својата работна кариера ја започнал како и секој печалбар, како мијач на садови. Миењето садови е вообичаен почеток за секој печалбар.
– Ти можеш да бидеш доктор на науки, но кога ќе стапнеш во САД најчесто својата кариера мораш да ја почнеш како мијач на садови. Но, за разлика од тука, таму садовите што се мијат се бројат на илјадници. Од таквата работа буквално се добива грпка – вели Цанко.

 

                                         Америка не е тоа што беше

 

 

Подоцна тој својата кариера ја продолжил како текстилен работник, а последните 20 години работел во хемиската индустрија. Но кризата си го направи своето и Цанко, како и голем број други Македонци, откако индустријата од САД се пресели во Индија и во Мексико, остана без работа. Последните години почесто е без работа отколку на работа.
– Во САД, како и секаде во светот, владее голема криза. За разлика од порано, кога во денот можеа да се најдат по неколку работи, сега и во Америка сѐ потешко се наоѓа работа. Таму е голема криза, а многу е падната и цената на саатницата. Во таква ситуација, откако падна бизнисот со азбестот, Македонците сега се „преквалификуваа“ во возачи на камиони или работат во градежништвото. Но сега и во овие дејности има сѐ помалку работа, бидејќи Мексиканците толку многу ја спуштија цената што за нас сѐ потешко има работа – објаснува нашиот соговорник.

Иако Цанко со својот брат долги години беше ангажиран во светот на угостителството, сепак и во тој бизнис во последно време има сѐ помалку работа.
Откако по распаѓањето на Југославија го затворија ресторанот „Атлантик ин“, подоцна со брат му Љупчо во градот Валингтон, Њу Џерси, го отворија ресторанот „Пред дождот“. Но и овој ресторан поради кризата мораше да го затворат, па сега им го издаваат на Јапонци.
– Поминаа златните години, кога го држевме ресторанот „Атлантик ин“ и кога буквално за влез во него се бараше влезница повеќе. Но се сменија состојбите, па падна и бизнисот во ресторанот – вели Цанко.
Денес тој заработува главно од кириите што ги собира од издавањето на апартманите во неговите две куќи. Во таква ситуација, кога нема работа, тој најчесто времето го поминува во родната Битола, на својот Широк сокак.

 

                                                       

                                          На „печалба“ во Битола


Затоа со многу иронија сега вели дека тој е на „печалба“ во Македонија, бидејќи во оваа криза нему повеќе му се исплатува доларите да ги троши овде отколку во САД, каде што животот е многу поскап.
– Јас сум дете на Широк сокак, роден сум на таа улица, таму бев растен до заминувањето во Америка. Иако кога пред триесетина години со акцијата „Имаш куќа врати го станот“ ни го зедоа станот, доста ме погоди таквата постапка, сепак, да бидам искрен, кога се движам по плочникот на Широк сокак се чувствувам најубаво. Кафето на оваа улица ми е многу поубаво отколку на Менхетн.  Јас никогаш нема да се одделам или иселам од Америка. Таму се моите најблиски. Таму имам татко, браќа, сестра, ќерка, зет, внук. Впрочем, во САД имам трипати подолго живеено отколку во Битола. Но мислам дека староста ќе ја поминам во Битола или, попрецизно, на релацијата Битола – САД – објаснува Цанко со многу емоции.
Нашиот соговорник има многу интересни согледувања за тукашните состојби, споделувајќи ги притоа размислувањата и на други наши иселеници.
– Најмногу што ги кочи нашите да не се враќаат овде не е поради економската ситуација или нешто друго, туку поради здравството. Во САД лекарите не ти даваат да умрeш за да ти ги трошат парите од осигурувањето, а тука здравството, и покрај сите напори на Владата, сѐ уште е на ниски гранки. За мене е непоимливо за која било лекарска интервенција да мораш да бараш пријатели, врски или да потплаќаш. Таму штом ќе те примат во болница, ти си грижа на лекарите. Не помагаат никакви интервенции, молби – вели Цанко.

Со оглед на тоа што е многу често во Битола, интерeсно е да се чуе што нему посебно му пречи во секојдневниот живот во градот под Пелистер.
– Да бидам искрен, во последните години во Битола многу работи се подобрени. Но тоа што најмногу ме нервира е нехигиената во станбените згради или неуредените дворни површини пред зградите. Кај нас луѓето навикнале да се грижат за хигиената само во својот дом. Тоа што се случува надвор од прагот или пред влезот на зградата како да не е нивна грижа. Тоа мора да се реши, градот мора да најде начин како да ги натера станарите да се грижат за хигиената, а ако тие не се грижат, тогаш градот треба да се грижи и да ги принуди тие да си платат за услугите. Друго што ми пречи е што луѓето тука не знаат да ги ценат работите. Несфатливо ми е за данок за стан или куќа да се плаќа по 2.000 денари во годината. Таму ние за данок за куќите плаќаме по 15.000 долари годишно. Поради високите даноци на многумина не им се исплаќа да купуваат куќи, туку подобро им е да бидат потстанари – вели Цанко.
Завршувајќи ја животната приказна за иселеникот од Битола, Цанко Којчевски, колку и да е невообичаена, сепак факт е дека во последно време се смени од корен филозофијата на „печалбарството“ на нашинците. Додека голем број млaди луѓе сонуваат да заминат на печалба во странство за да ја градат својата сегашност, многу нашинци, кои со децении живееле во туѓина, сега се враќаат во Македонија, каде што планираат да ја градат својата иднина.

 

 

 

Автор: М.Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*