Градоначалникот на Општина Новаци, Лазар Котевски, пред јавноста даде отчет за сработеното и реализираното во текот на минатата 2014 година.
Годината која измина беше во знакот на големи инфраструктурние зафати односно асфалтирање на неколку регионални и локални патни правци и улици.
-Извршивме асфалтирање на пат Брод Р121 – 2 км, асфалтирање Р 511 – Мегленци во должина од 2,5 км, асфалтирање на локален пат Мегленци – Арматуш во должина од 2,5 км, асфалтирање на локален пат Р 511 – Зовиќ во должина од 4,5 км- вели градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски.
Општина Новаци инвестираше и во подобрување на водоводната и канализационата мрежа, го започна проектот за спроведување паарно греење, обнови неколку од подрачните училишта, а не беше запоставено ниту вложувањата во развој на спортот и спортската инфраструктура, но и културата.
-На полето на културата го реализиравме Културното лето “Новаци 2014“ (Топол културен бран), Македонска-етно венчавка , Културно иновативниот клуб Новаци, Фестивал за изворни песни во Мариово по повд Илинден во с.Градешница, Дочек на Нова година , новогодишни украси и огномет, набавка на ЛЦД телевизори за Водици – потсети градоначалникот Котевски.
Во општината во изминатата 2014 година се родени 28 деца, а за нив се исплатени 140 000 денари. За обнова на црквите и манастирите се доделени 247 000 денари, за културата 530 500 денари, на здруженија и физички лица по разни основи им се исплатени 483 217 денари а за здравствена заштита и социјала 280 000 денари.
Градоначалникот на општина Новаци измината 2014 година ја окарактеризира како доста успешна година и најави дека следната 2015 ќе биде посветена на реализација на капитални проекти со што ќе настојува да го задржи истото темпо на развој.
Б.В.