Над 1.000 деца, на семејства од социјален ризик од целата Република Македонија и деца со попреченост во развојот, зимскиот школски распуст ќе го искористат за бесплатно зимување на Пелистер.
Денеска, децата на Пелистер, во придружба на градоначалникот на Битола д-р Владимир Талески и пратеничката од Битола Лилјана Кузмановска ги посети министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, кој се интересираше за условите во кои го минуваат зимскиот одмор дечињата од повеќе градови во државата.
Престојот на децата се реализира во шест смени, во рамките на проектот за користење услуга за одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик.
-Оваа зима со овој проект ќе бидат опфатени 1.000 дечиња кои ќе имаат бесплатен зимски одмор. Како Влада и како Министерство на Република Македонија интервенираме со еден ваков проект, давајќи можност децата од ранливите категории да престојуваат на планина, или покрај езеро.
Инаку, на Пелистер годинава ќе престојуваат околу 1.000 деца, а околу 2.000 деца летоска ќе престојуваат покрај македонските езера, истакна министерот Диме Спасов.
Според Спасов од 2012 година, од кога Министерството го реализира овој проект, правото за бесплатен летен и зимски одмор го искористиле околу 8.000 деца, односно заедно со годинешните корисници, вкупната бројка е околу 9.000 деца.
Б.В.