Во фоајето при Центарот за култура во Битола, лицата со инвалидитет, преку изложба ја покажаа нивната креативност при изработката на ракотворби. Изложбата на ракотворби на лицата со инвалидитет ја отвори првиот човек на локалната самоуправа, градоначалникот Владимир Талески, а на неа присуствуваа директорот на канцеларијата на УСАИД во Република Македонија, Мајкл Стивејтер, претседателот на Здружението на лица со телесен инвалидитет ,, Мобилност“ д-р Нико Јанков, претседателот на Локалниот економско- социјален совет на Општина Битола Томислав Давков и останати учесници.
-Лицата со инвалидност се способни за работа, тие се тука со нас и меѓу нас. Најчесто се соочуваат со бариери, затоа прашањата поврзани со попреченоста треба да бидат интегрирани во општинските програми , планирањето и буџетирањето и реализирањето на сите активности- изјави Бранимир Јовановски, претседател на НКТ и “Мобилност“ Македонија.
Мајкл Стивејтер, директор на УСАИД Канцеларијата за развој посочи дека загарантираните права на лицата со попреченост и нивното целосно партиципирање во општеството е заедничка одговорност и на истата мора да се гледа како на приоритет и за јавниот и за приватниот сектор.
Инаку, според статистичките податоци во Македонија има околу 200 илјади лица со различен инвалидитет.
По изложбата во Центарот за култура, во малата сала во истата институција, се одржа и трибина на тема: Закон за вработување на лица со телесен инвалидитет.
Б.В.