Компаниите веќе можат да аплицираат за проектот „Македонија Вработува 2“. Од 1-ви јули, односно од петокот почна реализацијата на мега проектот на Владата, што се одвива под мотото „Борбата за нови работни места продолжува“. Во рамки на втората фаза од проектот планирано е да се отворат од 15.000 до 20.000 работни места со што ќе се зададе финален удар на невработеноста во земјава.
Со овој пакет мерки повторно се предвидува ослободување од плаќање придонеси и давачки за работодавачите кои ќе вработат лица од пет категории.
Првата се невработени млади до 35 години, за кои работодавачот ќе биде ослободен од плаќање придонеси и персонален данок три години. Работодавачот е должен да ги задржи на работа уште 12 месеци по истекот на периодот за кој што е ослободен од плаќање придонеси.
Втората категорија се долгорочно невработени од 35 до 50 години, за кои има ослободување од придонеси пет години. Работодавачот е должен да го задржи работникот најмалку 6 години.
Со третата категорија се опфатени невработени над 50 години за кои ослободувањето од придонеси е 60 месеци.
Четвртата категорија се невработени над 58 години, за кои работодавачот е ослободен од плаќање придонеси до пензија.
Петтата категорија се невработени лица со социјален ризик. Ослободувањето од плаќање на придонеси е пет години.
Од АВРМ ги повикуваат граѓаните и компаниите да ги искористат поволностите кои се нудат и да аплицираат во Центрите за вработување при Агенцијата за вработување на Република Македонија при што, оттаму нагласуваат дека остануваат максимално отворени да одговорат на сите потреби и прашања поврзани со проектот.
Проектот „Македонија вработува“ за само една година ја намали невработеноста во Република Македонија за 2,8 проценти, заедно со сите останати сите мерки кои ги реализира Владата на Република Македонија за намалување на невработеноста.