Don't Miss
Home / Градска хроника / Наместо туристи коњи се разладуваат во Нижеполе

Наместо туристи коњи се разладуваат во Нижеполе

До пред само неколку години битолчани, а и многумина други,  кои барем еднаш престојувале како туристи во Зимско-летниот туристички центар “Нижеполе”, кој се наоѓа само на неколку километри од Битола, над селото Нижеполе,  тврдеа дека според место положбата и посебно благата клима  е извонреден туристички комплекс за одмор и рекреација.

Многумина дури тврдеа дека “Нижеполе”  е вистински рај за летниот и зимскиот туризам, кој може многу побрзо и подинамично да се развие и од Пелистер, во кој со оглед на тоа што е прогласен за Национален парк инвестиците потешко се реализираат.

Но на општо изненадување, не само на вработените во јавното претпријатие “Стрежево”,  кое стопанисува со зимско-летниот туристички рекретативен центар, туку и на битолчани, пред неколку години раководството на претпријатието донесе одлука да му стави катанец на  Центарот и да ги затвори објектите.

strezevo 1

Причините за затворањето на  зимско-летниот туристички центар  тогаш беа образложени затоа што наводно според Статутот на претпријатието,   “Стрежево” имало обврска само да се занимава со основната дејност, а таа е наводнување на земјоделските површини во Пелагонија, а не со споредни комерцијални и услужни  дејности, како што се угостителството и туризмот.

По донесувањето  на таквата одлука, покрај десетината павилјони  за сместување, беше затворен и репрезентативниот  ресторан на Центарот, со капацитет  за над 400 гости,  во кој во изминатите години голем број битолчани ги правеа своите веселби и свадби, а се организираа и голем број културно забавни настани, потоа беше затворена камин салата, како и сите придружни  рекретивни објекти за спорт и рекреација.

Паралелно со тоа, клучот му беше ставен и на еден од најубавите рибни ресторани во Битола “Довлеџик”,  кој се наоѓа во склоп на олимпискиот базен на Стрежево, како и дискотеката, а беше забрането и користењето на базенот за капење.

Таквото затворање на зимско-летниот туристички центар “Нижеполе “,  како и останатите придружни објекти предизвика  не само разочараност, туку и голем револт кај битолчани, кои со тоа изгубија уште  еден репрезентативен туристички центар, кој беше специјално изграден за време на организирањето на доброволните младински работни акции, кои во осумдесетите години беа организирани за време на изградбата на   Центарот.

-Како љубител на планините и како скијач сум бил во многу зимски скијачки центри, но без лажна скромност мислам дека “Нижеполе”   беше еден од најубавите центри за одмор и рекреација, каде благодарение на прекрасната  и блага клима, човек можеше прекрасно да се одмори, ни вели деновиве Војо  Димовски од Скопје, кој пред затворањето на  Центарот имаше среќа неколку дена  да се одмора во “Нижеполе”.

strezevo 5

И кога битолчани речиси се помирија со судбината на зимско-летниот туристички центар “Нижеполе”, по смената на  тогашното раководство на “Стрежево” кое му стави катанец на објектите и доаѓањето на чело на претпријатието на  сегашниот директор  Марјан Ѓероски, најавата од негова страна за оживување на туризмот на Нижеполе, ја врати надежта на битолчани дека Центарот не само што нема да пропадне, туку и ќе се развива.

Оптимизмот на битолчани особено се зголеми кога од страна на актуелното раководство на ова јавно претпријатие,  со одлука на УО и дозволата од Владата, беа вратени комерцијалните дејности на претпријатието и особено откако беше најавена  големата неколку милионска  инвестиција  за изградба на ски центарот и жичарниците  кои ќе ги поврзе скијачките патеки од Нижеполе  до Орлови бари на Пелистер, во вредност  од над 14 милиони евра.

Иако,  од страна на добрите познавачи на состојбите во битолскиот зимски туризам таквите големи проекти  беа оценети како мегаломански и преамбициозни,  сепак се сметаше дека таквите планови можеби ќе се реализираат  од страна на некои странски инвеститори кои беа најавени, и дека повторно ќе заживее зимско-летниот туристички центар.

Со цел да заживее туризмот во објектите на Стрежево, по добивањето дозволата  олимпискиот базен повторно да се користи за капење, беше најавено дека во склопот на базенот ќе се изгради и  голем Аква парк и летна дискотека.

Но,  за жал од сето тоа не бидна ништо.

strezevo 3

Зимско-летниот тиристички центар  “Нижеполе “ и натаму е оставен да пропаѓа и е заклучен. Во исто време  пропаднаа и плановите за изградба на Аква парк  кај олимпискиот базен, како и големата дискотека, а  и рибниот ресторан, чие управување го презеде приватен концесионер,  повеќе е затворен,  отколку отворен и речиси не  проработи.

Паралелно со тоа од стопанисувањето на објектот се откажа и вториот коцесионер,  кој го врати базенот назад и се откажа од големите идеи за изградба на Аква парк.

Но нешто што  посебно  загрижува е очајната  состојба  во која се наоѓаат  објектите во зимско летниот туристички центар  кои  веќе неколку години се затворени и кои се веќе обраснати од бујната вегетација  со трња  и дрвја,  од кои некои дури не се гледаат.

Денес,  во зимско -летниот туристички центар “ Нижеполе “нема буквално никој. На влезната врата  во населбата  пишува дека објектот е затворен.

Центарот  кој едноставно пропаѓа е оставен  само на еден стражар,  кој се грижи за обезбедувањето на објектите.

Во “Нижеполе” ,  кое порано беше полно не само со  скијачи, туку и  со рекреативци и голем број гости и посетители од сите краишта во државата и од странство,  денес  единствено уживаат десетиците коњи,  кои пред некогаш репрезентативниот ресторан и дебелите сенки од дрвјата се разладуваат од високите температури.

Тажната и жалосна слика  за тоа како изгледа  денеска  зимско летниот туристички центар “Нижеполе “ не можеше да ја долови ни искусното око на нашиот фоторепортер, кој се обиде да ги фотографира пропаднатите објекти во Центарот.

Пропаѓањето на Центарот “Нижеполе “ и  неодамнешното ставање  клуч на Детското одморалиште Пелистер,  е само уште една потврда дека и покрај големите најави за оживување на Центарот и амбиционзите планови  за изградба на големите инфраструктурни проекти,  нема ништо.

И покрај бројните проекти, амбициозни планови и најави за нивно оживување и тие како и останатите индустриски капацитети во Битола, кои  не ја преживеаја транзицијата, доколку нешто не се преземе ќе завршат на отпад, продадени на “кило“  како старо железо.

 

 

 

 

Автор: Менде Младеновски

Фотографии: Сашо Ристевски

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*