Don't Miss
Home / Градска хроника / Новите сопственици без грижа за старата битолска архитектура

Новите сопственици без грижа за старата битолска архитектура

„Битола е преубав град, со прекрасна стара архитектура. Токму поради таквиот амбиент, најголемиот број сцени во филмот „Ослободувањето на Скопје“ ги снимавме во Битола.

kuki 2

Благодарение на старата архитектура во Битола, нам не ни требаа ни многу време ни средства да ги доловиме времето и амбиентот во кој се случуваше дејството од филмот“. Овие зборови на актерот и режисер на филмот „Ослободувањето на Скопје“, Раде Шербеџија, искажани по неодамнешната кинопромоција на филмот, на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, на најдобар начин ја отсликуваат состојбата во која се наоѓа старата битолска архитектура.

Тие што го следеа снимањето на филмот „Ослободувањето на Скопје“ добро се сеќаваат дека на Шербеџија и на неговиот тим не им требаше никаква дополнителна сценографија за да ги снимат своите атрактивни филмски кадри во руинираните стари куќи во Битола, во кои се одвиваше дејството на филмот, и да го доловат амбиентот од тој мрачен период од војната за кој зборува филмот. Куќите во кои се случува(ше) дејството на филмот „Ослободувањето на Скопје“навистина беа целосно руинирани и дотраени. Иако се наоѓа само на стотина метри од популарниот Широк сокак, каде што е зачуван стариот сјај на Битола и нејзината стара архитектура, улицата во која се снимаше филмот навистина беше автентична, како за време по бомбардирањето.

Со исклучок на уште неколку други куќи на улицата што се зачувани, најголем број од нив се делумно или целосно руинирани и дотраени. Оставени на забот на времето се и куќите што во минатото беа седишта на неколку странски конзулати.

Иако се сметаше дека со донесувањето на Законот за денационализација, откако им беа вратени во најголем број сопственици и нивни наследници од кои беа национализирани, во голема мера куќите ќе се заштитат од пропаѓање, сепак, за жал, не се случи тоа.

Напротив, поради тоа што повеќето од куќите им припаднаа на голем број наследници, кои никако не можат да се договорат што да прават со наследените објекти, тие се оставени едноставно да пропаѓаат. Тоа што особено загрижува е што, покрај наследниците, кои ги оставија куќите да пропаѓаат, посебна негрижа кон куќите од старата битолска архитектура, за жал, покажуваат и новите сопственици што купија некои од тие куќи.

Можеби ќе звучи цинично, но, за жал, навистина се иронични примерите што ѝ се добро познати на битолската јавност, кога новите сопственици на куќите, од кои најголемиот број се новопечени битолски богаташи и познати моќници, кои во периодот на транзиција се стекнаа со големо богатство, буквално молат бога и прават сѐ куќите што ги купија да (се) ги срушат. Иако најголемиот број од нив се заштитени со закон и не смеат да се рушат без дозвола од надлежните институции што се грижат за зачувувањето на старата архитектура во Битола, сепак сопствениците, ризикувајќи дури и кривично да одговараат, на секој начин се обидуваат да ги срушат, за на нивното место да изградат сосема нови објекти, кои немаат ништо со препознатливата стара битолска архитектура.

Во настојувањата што побрзо и по секоја цена да ги срушат куќите што ги купиле со стара битолска архитектура и да ги избегнат законските прописи, по кои новиот објект мора да ги има димензиите и белезите како претходно, некои од новите сопственици, за да изгледа тоа уверливо, дека куќите сами се срушиле, едноставно откако ќе ги купат, ги откриваат покривите на куќите за подоцна тие самите да се срушат, наводно како последица на руинираноста или последиците од врнежите.

Потоа на нивното место се градат сосема нови објекти, со многу поголеми димензии, кои нималку не личат на претходните, а доста често, наместо куќи за живеење, објектите ги адаптираат во деловни простории, ресторани, угостителски објекти, кафулиња… кои ги издаваат за високи кирии.

За тоа каков е односот на некои битолски моќници што станаа нови сопственици на објекти од старата битолска архитектура, околу (не)грижата за старата битолска архитектура најдобар пример е што еден сопственик на хотел во центарот на градот, откако ја купи куќата со стара архитектура до самиот хотел, во своето настојување да добие дозвола да ја сруши куќата отишол дури дотаму што барал од претпријатието што го подигнува комуналниот отпад да му потпише изјави дека камионите за подигање на отпадот, поради куќата, не можеле да маневрираат во кругот на хотелот.

Таквата „услуга“ тој ја барал за побрзо да ја сруши куќата и на нејзино место просторот да го намени за паркинг.

 

Но откако не добил таква изјава, тој направил проект дека на истото место ќе изгради репрезентативна куќа, во стилот на старата битолска архитектура. За да добие побрзо одобрение за градба, тој, откако ја отскри, ја сруши куќата, притоа тврдејќи дека самата паднала, за денес на тоа место, наместо репрезентативната куќа, просторот да е претворен во паркинг! Во Битола се познати примерите кога на булеварот 1 Мај, на местото на некогашните руинирани куќи за живеење, никнаа нови станбени згради и хотели што нималку не ја отсликуваат старата битолска архитектура.

На Заводот и музеј во Битола му се познати ваквите примери, но тие велат дека се немоќни да ги заштитат старите објекти од новите газди и да ги спречат нивните махинации. Оттаму велат дека доколку забележат такви случаи, поднесуваат дури и кривични пријави.

– Законот за заштита на спомениците е сосема јасен. Тие што градат нови објекти на локациите на кои претходно имало објекти заштитени со закон, мора да се придржуваат кон законските прописи. Во спротивно ризикуваат кривично да одговараат, а и нивните објекти да бидат срушени – тврди првиот човек на Заводот и музеј, Зоран Алтипармаков.
Упатените во состојбите со старата битолска архитектура тврдат дека во Битола досега само еден битолчанец, кој без дозвола ја срушил куќата во самиот центар на градот, на Широк сокак, одговарал кривично за таквата своја постапка и одлежал дури и неколку месеци затвор. Но барем засега за никој друг немало санкции за таквите постапки, иако нивниот број, на оние што без дозвола на своја рака ги срушиле куќите и подоцна изградиле објекти што воопшто не се совпаѓаат со проектот и претходниот изглед, не е мал. Во Битола, според регистарот со кој располага Заводот и музеј, има околу 2.000 стари куќи со препознатлива битолска архитектура, кои главно се изградени во централното градско подрачје.

Најголемиот број од нив се наоѓа во централното градско подрачје и старата битолска чаршија. Од нив околу 200 стари објекти во Битола се заштитени со посебни решенија и без соодветна согласност и одобренија врз нив не е можна никаква интервенција.

За жал, новите сопственици се обидуваат на секој начин да ги изиграат законските прописи.  Токму поради таквиот однос кон старата битолска архитектура битолчани со право се гневни и тврдат дека доколку во најскоро време против таквите сопственици или инвеститори не се преземат законски мерки, Битола целосно ќе го смени својот лик и старата архитектура ќе исчезне и ќе остане да живее само во разгледниците и цртежите на младите ликовни уметници на „Малиот битолски Монмартр“.

 

 

 

 

 

Автор: Менде Младеновски

Фото: Сашо Ристевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*