Don't Miss
Home / Спорт / Пелистер пред елиминација од Челинџ купот

Пелистер пред елиминација од Челинџ купот

Пелистер ќе има многу тешка задача да ја прескокне првата пречка во Челинџ купот откако во првиот натпревар од третото коло загуби од Вогошча со 21:23, полувреме 10:10.

Ракометарите на Пелистер се наоѓаат пред елиминација од Челинџ купот.

Околу 3.000 љубители на ракометот се собраа во Спортската сала “Младост“, но повторно изостанаа “Чкембарите“ кои протестираат против клупската управа. Мечот почна израмнето, со дури пет изедначувања во првите 11 минути.

Во 19. минута се повреди клучниот организатор на играта на битолчани, Богдан Николиќ и тоа се одрази на играта на “зелените“.

Комбинациите со кружниот напаѓач Џеко беа нерешлива енигма за #пелистерци#, кои преку Маџовски и Павловиќ во финишот на првиот дел надополнија и на одмор заминаа со 10:10.

Вториот дел започна многу тврдо, со серија грешки и брз тајмаут на Каменица во 37. минута. Следеа неколку одбрани на Шабановиќ и голови од транзиција на Бачиќ за +2 за Вогошча.

Следеше одговор на битолчани со головите на Митревски и Чантурија и на 18:18 гостинскиот тренер Томиќ побара минута одмор.  Гостите се стабилизираа, имаа повеќе енергија и по одбраните на Шабановиќ и головите на Дивковиќ и Џиновиќ стигнаа до победа од 21-23.

Во екипата на Пелистер, Васко Димитровски постигна 4 гола, а Бојан Маџовски и Реваз Чантурија запишаа по 3 гола. Кај Вогошча се истакнаа Дивковиќ со 7 и Медиќ со 5 постигнати гола.

Тренерот на Пелистер, Касим Каменица, жали што екипата не дојде барем до минимална победа. Со тоа шансите за следното коло од Челинџ купот се на страната на победникот на Купот на БиХ.

-Наша цел беше да стигнеме до каква било победа. Сепак заради кадровските проблеми не успеавме. Мислам дека екипата на Вогошча во овој момент е поквалитетна и поподготвена и затоа победи. Клучен момент беше 50. минута кога пропуштивме да заминеме на +3, а нашите брзоплети грешки противникот ги казни. Тие дојдоа до лесни голови од контранапади, а ние немавме одговор за агресивната игра. Останавме без важен ракометар како Николиќ, кој се повреди и со тоа уште повеќе се намали бројот на ракометари во ротација. Следи реваншот во Сараево, имаме уште 60 минути и ќе се обидеме да направиме изненадување, иако тоа воошто нема да биде лесно, рече Каменица, по завршувањето на првиот натпревар на Пелистер во третото коло од Челинџ купот.

Возвратниот натпревар се игра следната сабота од 18.00 часот во Сараево, а екипата која ќе биде поуспешна во двомечот ќе “презими“ во Челинџ купот.

 

 

 

С.Р.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*