Don't Miss
Home / Економија / Неуспешна приказна за “бизнис-инкубаторот“ во Битола

Неуспешна приказна за “бизнис-инкубаторот“ во Битола

Деновиве за време на (пред)изборната кампања за предвремените парламентарни избори во Битола, битолчани се изнаслушаа какви се не ветувања за развој на претприемаштвото, преку отворање деловен стартап-центар, или популарно наречен „инкубатор“ за младите битолчани, кои во нив би ги правеле своите први чекори во претприемничката бизнис-кариера.

Отворање деловни стартап-центри во Битола, како нивна „грижа“ за едуцирање на младите битолчани, најавија буквално речиси сите политички партии. На тој начин, уверуваа тие, не само што ќе се спречи иселувањето на младите битолчани, туку дури дека некои од нив ќе се вратат во градот под Пелистер и ќе отворат сопствени фирми, преку кои ќе обезбедуваат егзистенција за себе и за своите семејства.

Таквите партиски и политички ветувања ги вратија сеќавањата од пред неколку години кога функционираше деловниот стартап-центар или „инкубаторот“ во Битола, во кој многумина млади „охрабрени“ битолчани ги правеа своите први чекори за отворање сопствен бизнис. Но, иако неколку години работеше мошне успешно и важеше за еден од подобрите деловни стартап-центри, не само во државата, туку и во регионот, сепак веќе две години на центарот во Битола му е ставен катанецот и тој не работи. Иако кога се случи тоа јавноста во Битола беше (дез)информирана дека е затворен само привремено, наводно поради некои организациски промени, како што тогаш тврдеше раководителката на центарот, Розита Талевска, сепак оттогаш, иако изминаа повеќе од две години тој не (про)работи.

– Информациите што се пласираат во јавноста дека центарот е затворен засекогаш поради наводно некои неправилности утврдени од страна на УСАИД се чисти шпекулации. Центарот е затворен само привремено и тој ќе продолжи и натаму успешно да работи во интерес на младите битолчани, откако ќе завршиме некои структурни промени во неговата работа – тврдеше тогаш Талевска.

Но подоцна, како што се одвиваа работите, се покажа дека нејзиниот оптимизам бил нереален. Откако најпрво му беше исклучена струјата и интернет-врските, сите почнаа да го напуштаат центарот, а гостопримството му го откажа и локалната самоуправа, која одлучи да му стави катанец на објектот и подоцна да го понуди на користење на други субјекти. На тој начин се покажаа како точни предвидувањата на упатените дека стартап-центарот е затворен засекогаш, откако Американската агенција за поддршка и развој – УСАИД, која финансиски го помагаше со грант од 2,5 милиони долари, одлучи да ја прекине поддршката по ревизијата што ја направија за работењето, а која покажала голем број неправилности и злоупотреби, за што веќе пишуваше “ Битолски весник“.

– Идејата за отворање деловен стартап-центар беше чисто наша, на локалната самоуправа. За таа цел ние финансиравме доста пари во преуредувањето на урбаната заедница, која беше целосно запуштена и направивме објект, кој нудеше извонредни услови за работа на младите претприемачи. Морам да кажам дека на почетокот успешно работеше и покажуваше мошне добри резултати. Но подоцна раководството на стартап-центарот едноставно се „отуѓи“ од нас и ние буквално изгубивме секаква комуникација со нив. Колку што ни е познато подоцна од страна на УСАИД направиле ревизија на финансиското работење и наводно утврдиле некои неправилности, по што одлучија да се повлечат од проектите, што според нас беше главна причина тие да го затворат стартап-центарот – велат од локалната самоуправа во Битола.

Сега наместо таму да се обучуваат млади и талентирани претприемачи, како што беше тоа во првите години откако беше отворен, во просториите на урбаната заедница „Вељко Влаховиќ“, каде што беше сместен деловниот стартап-центар, работат Агенцијата за храна и ветеринарство, трудовата инспекција и некои други државни институции. Со затворањето на деловниот стартап-центар пропаднаа надежите на младите битолчани, кои имаа намера да се осмелат и да отворат сопствен приватен бизнис.

 

И кога битолчани веќе го заборавија центарот, а за неговото повторно рестартирање не помислуваа(т) ни тие што беа негови најголеми заговорници и поддржувачи, политичарите за време на (пред)изборната кампања, на штотуку завршените парламентарни избори, повторно ги воскреснаа надежите за негово отворање. Иронијата да биде поголема, отворање деловен стартап-центар во Битола најавуваат лица што по неговото затворање запловија во политичките води, а кои всушност придонесоа за ставањето катанец на неговата врата. Но обично е така, кога се во прашање политичарите и нивните политики, тие се однесуваат како во рекламниот слоган „С… и сѐ е можно“.

Инаку да потсетиме деловниот стартап-центар во Битола беше отворен на 4 ноември 2008 година, по повод прославата на денот на ослободувањето на Битола, како заеднички проект на локалната самоуправа и холандската невладина организација СПАРК, која учествуваше со грант добиен од холандската амбасада во износ од 250.000 евра. Идејата произлезе како реализацијата на проектите од т.н. „банка на идеи“, што ја пласираше градоначалникот Владимир Талески, а во која се слеваа сите идеи на битолчани за решавање на проблемот со невработеноста. Општината Битола за потребите на деловниот стартап-центар тогаш ги отстапи просториите во урбаната заедница „Вељко Влаховиќ“, кои со средства на општината беа целосно реновирани и адаптирани во модерен објект, кој им даваше извонредни услови за работа на младите битолчани, со претприемнички дух.

Во рамките на урбаната заедница беа целосно реновирани и адаптирани многубројни простории, кои беа опремени со компјутери, Интернет и други технички помагала, преку кои младите со помош на стручните лица и експерти се обучуваа како да отворат свој приватен бизнис.
– За користењето на просториите и другите услуги посетителите во првите шест месеци не плаќаа ништо. Подоцна тие можеа да избираат дали ќе го продолжат бизнисот во просториите на центарот или ќе отворат сопствен бизнис на други локации во градот. Со отворањето на центарот се мотивираа младите битолчани како да прават успешен бизнис. Интересот кај младите во Битола за посета на деловниот стартап-центар беше огромен. Во првите години беа поднесени дури 270 бизнис-планови за отворање сопствен бизнис. Со средства на грантот од Холандија и помошта од општината Битола беа поддржани дури 120 компании, во кои беа отворени 269 работни места, а 33 компании добија мошне поволни кредити како поддршка за нивниот бизнис – велат од локалната самоуправа на Битола.

Успешното работење на деловниот стартап-центар за мошне кратко време покрај Холанѓаните го препознаа и Американците, кои на центарот му доделија финансиска поддршка од 2,5 милиони долари. Со средствата на УСАИД се сметаше дека овој центар не само што ќе го зголеми бројот на младите што требаше да се обучуваат за отворање сопствен бизнис, туку дека тој ќе претставува во вистинска смисла на зборот „инкубатор“ за стекнување нови знаења.
Некои од посетителите на обуките во центарот за мошне кратко време почнаа да постигнуваат извонредни резултати. Особено беа успешни младите што се посветија на информатичката технологија, па така, по обуката некои негови посетители успеаја да отворат сопствени фирми, кои се занимаваат со информатички надворешни услуги во кои вработија дури по триесетина вработени.
И кога најмалку се очекуваше тоа, се случи тоа што најголемиот број битолчани воопшто не го ни помислуваа.

Прекуноќ центарот го напуштија некои од посетителите на обуките, подоцна беше прекината електричната енергија и Интернет, а нешто подоцна беше ставен катанец на деловниот стартап-центар. Така Битола остана без овој центар, кој им даваше доста надеж на младите битолчани да се осмелат и да почнат сопствен бизнис.

Сега, по две години, таквата надеж се обидуваат да ја оживеат политичарите. Но кога се во прашање тие, обично нивните проекти траат до изборната кампања, реагираат младите, не очекувајќи премногу од сето ова.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*