Со свечената промоција на Монографијата, проекцијата на документарниот филм, како врачување на благодарници на сите директори, кои во изминатите 50 години раководеле со установата, Клиничката болница Битола го одбележа својот голем јубилеј, 50 години од формирањето.
За растежот на болницата во изминатите 50 години зборуваше првиот човек на Клиничката болница, Василие Најдовски.
Тој во своето свечено обраќање истакна дека Клиничката болница во Битола, во изминатите 50 години бележи брз и динамичен развој и дека денес болницата е една од најсовремените и најдобро опремените болници во регионот.
Клиничката болница во Битола особено добри резултати, како на планот на подобрувањето на здравствената заштита на болните, така и на планот на опремувањето со најсофистицирани медицински апарати, бележи во последните неколку години, истакна Најдовски.
Тој притоа додаде дека деновиве заврши реконструкцијата на покривната конструкција како и на фасадата на Клиничката болница, така што сега, со смената на дограмата, болницата ќе има доста заштеда на планот на енергијата, а заштедените средства кои ќе се употребуваат за набавка на нова медицинска опрема.
На свеченоста беше нагласено дека во сите изминати 50 години секогаш во прв план на здравствените и медицинските работници на Клиничката болницата биле пациентите.
Зборувајќи за првите години од изградбата на Медицинскиот центар Д-р “Трифун Пановски“, еден од доајените на Клиничката болница Битола, прим. д-р Димитар Котевски, нагласи дека пред точно 50 години, во далечната 1966 година, со слободна волја и одлука на самите вработени, но и со визионерското гледање за перспективните можности на здруженото битолско здравство, се формира Медицинскиот центар “д-р Трифун Пановски“, кој успешно функционираше и се развиваше се до 2005 година, кога по отцепувањето на Здравствениот дом прерасна и се регистрира во клиничка боница, рече прим. д-р. Котевски, според кој, Клиничката болница во Битола, без сомнение, е лидер на здравството во Југозападниот регион на Македонија.
На свеченоста беше промовирана Монографијата “50 години на Клиничката болница“, која ја изработија самите вработени во болницата.
Во монографијата низ слика и збор се претставени сите служби во Клиничката болница, како и вработените, кои во изминатите 50 години со своето работење дале значаен придонес за развојот на болницата.
Б.В.