Don't Miss
Home / Uncategorized / Нема организиран пречек на Новата година во Битола

Нема организиран пречек на Новата година во Битола

Годинава, на 31. декември, за разлика од минатите години, нема да има организиран пречек на Новата 2017 година во Битола.

Ова го соопшти градоначалникот на Битола, Владимир Талески, на прес-конференција, на која новинарите требаше да бидат информирани за тоа како битолчани организирано ќе ја пречекаат Новата година.

До одложувањето на организираниот пречек на Новата 2017 година дојде поради актуелните состојби во државата и кризата која веќе подолго време е присутна како на централно, така и на локално ниво.

Според Талески, бидејќи децата не се виновни за актуелните состојби  пред Нова година ќе  се одржат детски манифестации на младите музички таленти од “Си до“ и “Тра-ла-ла“.

Дел од средствата кои беа предвидени за пречекот на Новата година, со одлука на Советот, ќе бидат  пренаменти  за социјалните случаи во Битола, како и за штитениците од Заводот за  деца со оштетен слух и говор, соопшти Талески на  прес-конференција.

Во соопштението од Општината Битола, испратено до нашата редакција, меѓу другото, се вели:

-Хуманоста и забавата за најмладите, на крајот на 2016, ќе ја испратат старата и ќе ја пречекаат Новата година во Општината Битола. Иако, Општината секоја година, организираше спектакуларен пречек на Новата година на плоштадот “Магнолија“, притоа исполнувајќи ја програмата со познати македонски поп, рок и фолк изведувачи, оваа година околу еден милион денари, средства предвидени за вечерната програма, збогатена со огномет и традиционалниот новогодишен коктел, во организација на Општината, ќе бидат донирани на оние на кои им се најпотребни. Сепак, за најмладите, како и секоја година, останува неколкудневната детска програма:

-Ние одлучивме, во предновогодишниот дел, неколку дена да има детска програма во која што децата повторно ќе можат да се забавуваат со ѕвездите на “Тра-ла-ла“ и “Си-до“ и уште четири нови детски претстави за Нова година и Дедо Мраз. Но, вечерта на 31.12. нема да се одржи централната прослава, односно финансиските средства коишто се наменети за таа вечер ќе бидат пренаменети. Ќе му предложиме на Советот на Општината Битола, каде да одат дел од средствата кои се околу 1 милион денари. Еден дел, исто така, сакам да предложам да одат во Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор и глас за да направат една специјална сензорна соба која воопшто не е евтина, а другиот дел да одат за социјалните категории, наши граѓани кои имаат здравствени, економски, финансиски проблеми. Покрај вечерната програма, оваа година нема да се одржи и традиционалниот огномет и традиционалниот коктел, кој Општината Битола го прави секоја година. Ова е најдобриот начин на којшто можеме да ја заокружиме оваа 2016 година, којашто по многу работи би сакал колку што е можно побрзо да ја заборавиме, а 2017 да ни донесе повеќе радост, повеќе среќа, многу здравје и успеси на сите. Убеден сум дека на крајот на 2016 година, сите ние коишто живееме во Република Македонија ќе извлечеме добра поука. Имавме тешки лекции коишто ги поминавме, а убеден сум дека на крајот ќе извлечеме поука, ќе бидеме попаметни, за да можеме прогнозите, заложбите, размислувањата активностите што ги планираме во 2017 година да бидат реални, за да донесат вистинска среќа, вистинска радост за сите наши граѓани. изјави градоначалникот Владимир Талески.

 

Детската програма за Нова година

proslava 1 den 1

На плоштадот “Магнолија“ оваа година само за најмладите од страна на локалната самоуправа  ќе биде организирана програма.

Детската  програма на плоштадот “Магнолија“ ќе се реализира од , среда 28 декември до сабота 31.12. од 11.30 до 15.30 часот, а истата опфаќа музичко – поетски перформанс “Новогодишен колаж“, музички блок со настап на децата од музичките фестивали “Си-до“ и “Тра-ла-ла“, како и новогодишните детски театарски претстави “Вистинскиот Дедо Мраз и Лажните Дедо Мразовци“, “Пинокио“, “Најубавиот подарок“ и “Подарок за Дедо Мраз“.

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*