Don't Miss
Home / Колумни / Груевски и Заев ја поставија сцената за промена на името

Груевски и Заев ја поставија сцената за промена на името

Пишува: Јанко Бачев

Универзитетски професор

 

Своето име Македонија го носи непрекинато како единствена земја на Балканот, од околу IX век пр. н. е. па до денеска, речиси три милениуми. Во еден долг и континуиран историски процес, кој трае со векови, се создаваат потребните претпоставки за избор на националното македонско име како битна конституиента на македонската национална свест и македонската нација. Тоа се случува со својата закономерност во текот на XIX век. Впрочем, ниту еден од балканските народи во почетокот на ХIX век се уште не бил конституиран како нација. Религиозната припадност ја определувала политичката и социјалната положба на султановите поданоци за време на турското владеење на овие простори. Значи, се до конституирањето на современата македонска нација, ниеден друг народ не го носел или присвоил името Македонија.Воведот е во функција на поразителната најава дека после три милениуми пронајдени се Македонци кои се спремни да го променат вековното македонско име.

Имено, на собраниската седница во средата пред полноќ, говорите на Груевски и Заев за името пред гласањето за новата влада се сведуваат на тоа дека светот за Македонија и Македонците завршува во Брисел каде ќе влеземе со компромисно/променето име. Дури, Заев во својот говор ги гледаше во очи пратениците на ВМРО-ДПМНЕ пренесувајќи им дека заедно ќе ја одработат промената на името.

За таа цел, за министер за надворешни работи е измислен Никола Димитров кој треба да ја заврши оперативната работа на теренот за нашето обезличување. Ова е дури и посебна чест за Димитров како човек со изгубено национално чувство и кај чие семејство отсуствува македонски идентитет и изградено чувство за припадност кон македонскиот народ, бидејќи според нивните семејни определби не постојат Македонци туку нашите корени треба да ги бараме кај источниот сосед.

Истовремено, Радмила Шекеринска наменски е поставена во Министерството за одбрана со цел СДСМ да поентира како партија која ја внесе земјата во НАТО, бидејќи многу е веројатно Македонија да добие покана за членство во НАТО под референцата ПЈРМ. По ова ќе следи големата национална отстапка кога ЕУ ќе овозможи почеток на преговори, а Македонија да се согласи на зачленување во Унијата со ново име.

Не е спорно дека Македонија во континуитет е соочена со притисок од ЕУ за прифаќање на непристоен пазар – датум за преговори за членство во Унијата во замена за ново име. Дури, понижувањето оди дотаму што не се вели промена на името и веднаш членство во ЕУ, туку од Македонија ќе се бара промена на името за почеток на преговори, односно, промена на името за некакво обично ветување дека во некоја иднина Македонија ќе стане членка на Унијата, иако таквото ветување само по себе е неизвесен факт, необврзувачка изјава и претпоставка, која, прашање е дали може со сигурност да се тврди дека во некоја иднина и навистина би се остварила.

На крај, сето ова треба да се потврди на „референдум„ кој наменски ќе го одработат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со потребната логистика од Државна изборна комисија.

Е сега, многумина ќе се запрашаат како е можно ова кога ВМРО-ДПМНЕ цело време вели дека нема промена на името. Збор-два и за оваа повеќегодишна измама спакувана во убава патриотска реторика.

Имено, ВМРО-ДПМНЕ десетина години на еден убав патриотски начин пропратен со соодветни маркетиншки трикови изгради слика во јавноста дека го брани името. Во годините наназад, на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ се велеше дека името нема да се промени. После секоја победа на изборите, на секое прашање за името, Груевски кажуваше да се погледне страна 146 од нивната Преродба во сто чекори. А кај народот беше зацементирано убедувањето дека таму пишува оти нема промена на името.

Меѓутоа, ВМРО-ДПМНЕ со напишаното на страна 146 се послужи со мала итрина, бидејќи таму пишува, внимавајте добро, дека нема да се промени уставот со цел да се промени уставното име, а не дека нема да се промени името на државата. Значи, запишаното на страна 146 нема никаво фајде, бидејќи домашниот устав и да не се промени ќе остане само како добар украс во услови кога ВМРО-ДПМНЕ сака да го промени името за меѓународна употреба. Од друга страна, СДСМ и играчите на „ѕверот„ во Македонија своите залагања за компромис/промена на името воопшто не ги кријат и со години ги кажуваат отворено и тоа уште од моментот кога дури и ЕУ не бараше од нас да го промениме името.

Значи, постои совпаѓање кај СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за спорот за името, а интересно е што впечатокот во јавноста за секој од овие актери е дијаметрално спротивен, односно, едните се гледаа како патриоти а другите како предавници.

Со еден збор, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се на исти позиции за името.

Сега на дело е истиот тактички приод налик на оној кога Киро Глигоров на 30 март 1993 во обраќањето на нацијата пред приемот во ОН рече дека не е битно со какво име ќе влеземе во ОН туку битен е приемот по секоја цена иако таквиот прием под срамната референца ПЈРМ не беше неопходен во тој момент. 25 години подоцна Груевски и Заев го прават истото, односно, ја прифаќаат поразителната сугестија на Фрчковски дека името не е битно и треба по секоја цена да влеземе во НАТО и ЕУ, дури, и со име различно од државното име избрано од народот.

Кои се можните начини да се спречи ова!?

Еден начин е жесток притисок на патриотските сили во ВМРО-ДПМНЕ, со цел, партијата да се откаже од определбата за референдум за името, бидејќи, неспорен факт е дека без ВМРО-ДПМНЕ не може да дојде до промена на името колку и да сака СДСМ да го направи тоа или да организира било каков референдум. Во спротивно, доколку и двете партии учествуваат во наменски референдум, ќе дојде до промена на името и тука е крајот на Македонците како нација.

Втор начин е да дојде политичка структура во земјата која ќе ужива доверба од народот, со определба за неменување на името по никоја цена, со радикален пресврт во македонската политика дека постои алтернатива за НАТО и ЕУ и дека светот е многу поширок и не завршува во Брисел и Вашингтон.

Трет начин е да се охрабри некоја македонска влада која спорот за името ќе го префрли од политичкиот на правниот терен, бидејќи, внимателната анализа на општото меѓународно право и правото на ОН покажува дека постојат четири меѓународно правно-признати механизми кои овозможуваат употреба на уставното име во ОН, со што постапката на големи исчекувања би била завршена во наш прилог да го оствариме своето право да го носиме името- Република Македонија.

Се разбира, силна поткрепа е податокот дека Македонците во огромно мнозинство (околу 90 отсто) категорички се изјаснуваат дека се против промена на името. А политичарите имаат обврска да го слушаат гласот на македонскиот народ.

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*