Пишува: Јанко Бачев
Во средата на прес конференцијата во Атина, Никос Косијас јасно и недвосмислено во лице му кажа македонскиот колега Никола Димитров, промена на името, па, „амин” за влез на Македонија во ЕУ.
На ваквата порака Димитров возврати дека не го интересираат скулптури и имиња а притоа на пресот не го спомна ниту името на земјата од која доаѓа иако Косијас не нарекуваше фиромани. Ваквата определба на Димитров не е изненадување ако се знае дека е човек со изгубено национално чувство бидејќи доаѓа од семејство кое отворено вели дека Македонците имаат бугарски корени.
Меѓутоа, покрај изгубеното национално чувство, кај Димитров видовме и непознавање на основните тактики во меѓународните односи.
Имено, Косијас употреби тактика на високо отворање (мора да го промените името) одејќи на варијанта колку повеќе предметот на преговарање е поекстремен толку поголеми се изгледите дека тоа што навистина го сака Грција ќе се смета за компромис. На ова Димитров возврати со погрешна тактика на екстремно кооперативно отворање (не го интересираат имиња) наместо да возврати со појдовна позиција дека нашето име е Република Македонија, па во тие рамки да се бара компромис, на пример, Македонија да се согласи грчката провинција да се нарекувана Јужна Македонија или Грција да не нарекува како што сака, а за светот Република Македонија и слични работи од тактичка природа.
Дури, Димитров среде Атина недозволиво плукаше по својата земја не разбирајќи дека во практиката на меѓународните односи без оглед како владеела било која домашна власт тоа е внатрешен проблем што се решава на домашен терен и недозволиво е бламирањето на сопствената држава на меѓународен план.
Меѓутоа, тоа е минато, и не е најбитно во моментот. Македонија и Македонците сега со право се прашуваат што понатаму по ултиматумот на Грција за промена на името.
Веднаш ќе кажам дека повеќе нема никаква смисла да инсистираме на датум за преговори со Европската унија кога од нас се бара промена на името. Македонија ги исполнува условите за преговори за членство во ЕУ, но, едно е исполнување на критериумите, а сосема нешто друго се интересите на дел од земјите членки на ЕУ што треба да не примат во Унијата.
Единствен хендикеп за нашето зачленување во ЕУ е нашето неотуѓиво меѓународно правно – признато право да се нарекуваме со име по сопствен избор.
Затоа, во моментот е потребен радикален пресврт во македонската политика.
Поточно, сега треба јасно да се каже дека во овој период, Македонија треба да води остварување на своите стратешки цели во две етапи.
Така, започнувањето на преговори со ЕУ, за Македонија да биде оној, така да го наречам, „втор или трет пакет„ кон кој ќе се стремиме, а фокусот да се насочи кон Обединетите нации за употреба на уставното име.
Созреан е моментот Македонија спорот со името од политичкиот да го префрли на правниот терен каде што му е местото, а истовремено да се порача дека за Македонија светот не завршува во Брисел и дека има алтернативи. Впрочем, неодамна Русија јасно порача дека е спремна да понуди алтернатива за балканските земји.
Инаку, внимателната анализа на меѓународното право и правото на Обединетите нации појаснува дека правно-технички на Македонија стојат на располагање четири механизми за употреба на уставното име во ОН. Тука сакам да разјаснам една дилема која се пласира во Македонија: не е точно дека спорот за името мора задолжително да помине преку Советот за безбедност на ОН, туку постои можност да се избегне Советот во случај да дојде до покренување на правните механизми во ОН, се разбира, доколку паметно се водат сите фази во процесот.
Исто така, сега, кога со последната средба во Атина на министрите Косијас и Димитров повторно паднаа маските на европските бирократи, време е народот да се запраша што добива со влезот на Македонија во ЕУ, а што губиме како Македонци доколку дојде до наше национално обезличување.
Се разбира, за проблемот не треба исклучиво да ги обвинуваме другите националности во земјата, соседите, странците, туку вината е повеќе кај нас самите. Затоа, потребно е веднаш македонските парламентарни и вонпарламентарни партии да излезат со единствен став за името.
Односно, како што во предреферендумската кампања на 2 септември 1991 година беше објавен заеднички проглас на парламентарните и вонпарламентарните партии со кој граѓаните беа повикани масовно да излезат и да се изјаснат ЗА на референдумот за самостојност на Македонија одржан на 8 септември, така се наметнува и потребата од нов заеднички проглас, со кој пред домашната и меѓународната јавност ќе се промовира единствен македонски став за одбрана на името.
Со тоа ќе испратиме силна порака до сите релевантни фактори дека сме одлучни да истраеме во остварувањето на своите неотуѓиви права дотолку повеќе спречувањето на обидот за промена на нашето име има историска димензија.
Поточно, историското значење на промена на вековното македонско име е немерливо со самиот факт за добивање пристапни преговори со ЕУ, затоа што, доколку Македонија го промени името, дефинитивно го губи темелот на нацијата и државноста.