И додека Доналд Трамп во кампањата се претстави како заштитник на „заборавените луѓе“ и во Белата куќа влегува со поддршка пред се на работничката класа, се поочигледно е дека во новата американска администрација ќе бидат милијардери и милионери.
Покрај Трамп чие богатство е повеќе од 10 милијарди долари, познато е дека новата министерка за образование ќе биде Бетси ДеВос, милијардерка и филантроп од Мичиген чие богатство е 5,1 милијарди долари, објави порталот Политико.
Медиумите во САД објавуваат дека Трамп размислува за ангажирање на бизнисменот со нафта Херолд Хем со богатство од 15,3 милијарди долари, инвеститорот Вилбур Рос чиј имот е вреден 2,9 милијарди долари, инвеститорот Мит Ромни чие богатство е 250 милиони долари.
Се споменува и името на банкарот Стив Манухина чие богатство е 46 милиони долари како и адвокатот Руди Џулијани чие богатство е десетици милиони долари.
Најверојатниот заменик министер за трговија Тод Рикетс доаѓа од семејство на милијардер кое е сопственик на безбол клубот Чикаго Кабс.
Дури и пензионираниот неврохирург Бен Карсон кому му е понудено место министер за станбена градба и урбан развој има богатство од 26 милиони долари.
Ниту потенцијалниот минстер за труд не е „обичен“ – заработил 4,4 милиони долари во 2012 година како директор на компанија во чија сопственост се ресторани Хардис и Карлс.
Просечниот приход на домаќинство во САД е околу 55.000 долари.
Сите заедно во Кабинетот на Трамп би можеле да бидат „тешки“ 35 милијарди долари, што е енормна концентрација на богатство на едно место што би била преседан во американската историја, заклучува Политико.