Актерот на Народниот театар од Битола, Николче Пројчевски, ќе настапи во театарот „Глоуб“ во Лондон и по Огнен Дранговски ќе биде втор македонски актер што ќе настапи во Шекспировиот театар.
Пројчевски денеска на прес-конференција истакна дека е избран во конкуренција на 1.800 актери од цел свет и е единствен од Југоисточна Европа што ќе настапи во најновиот театарски проект на „Глоуб“.
– Се пријавив на отворениот конкурс, а кога ја минав првата селекција бев контактиран од режисерите и продуцентите на театарот „Глоуб“. На нивно барање изведов неколку улоги од Шекспирови дела, поезија од Петре М. Андреевски и други актерски вештини и ме избраа. Во Лондон ќе патувам и со познати информации кои ми ги даде колегата Огнен Дранговски кој веќе настапуваше во „Глоуб“. Верувам во успешен континуитет на македонските актери на светски познатата сцена и театар во Лондон – изјави Пројчевски.