И покрај сите апели и владини реклами, како и повеќегодишниот проект “трето дете“, за зголемување на бројот на новороденчињата во Република Македонија, во Битола, како што стојат работите, таквата политика засега не дава резултати. Имено, според податоците на Заводот за статистика, во Битола повеќе умираат, отколку што се раѓаат деца. Имено, во првото тримесечје од оваа година, во Битола е поголема бројката на починати, отколку на родени лица. Така, според Заводот за статистика, во првите три месеци од оваа година во Битола починале 288 лица, а се родиле само 235 деца.
Ваквите податоци на Заводот за статистика не само што се загрижувачки, туку се и алармантни.
Нешто што особено загрижува е фактот дека како последица на лошиот воздух, според битолските онколози, во Битола секоја недела се регистрираат најмалку по двајца пациенти заболени од белодробен карцином.
Иако засега нема јасна студија кои се причините за драстичното заболување од малигни заболувања, сепак онколозите во битолската болница тврдат дека од аерозагадувањето најчести се заболувањата на респираторниот систем, потоа кардиоваскуларните и на крај, малигните заболувања. Најголемата причина за смртност од малигните заболувања во светот е белодробниот карцином.
Токму ваквите алармантни податоци се најдобра потврда дека на проблемот со загадувањето на воздухот во Битола мора да му се пристапи максимално сериозно и стручно.
Овој проблем не само што не трпи одлагања, туку не трпи ни импровизации.
Б.В.