На свечен начин, денеска, во НУ Универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски“ – Битола која годинава слави 70 годишен јубилеј, министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска зедно со првиот човек на Општина Битола, градоначалникот Владимир Талески и директорот на Библиотеката, Науме Ѓоргиевски го пуштија во употреба новиот дограден дел опремен по најсовремени стандарди со што Библиотеката доби нови петстотини метри површина, наменет исклучиво за корисниците.
-Новата надоградба на самата институција ќе биде во интерес на посетителите, читателите, почитувачите на пишаниот збор. Библиотеката располага со над 600 илјади книги и списанија и постојано нуди нови содржини. Ова е еден дополнителен простор за читателите. Инвестицијата изнесува над 30 милиони денари, средства од буџетот. Со тоа се направи одличен спој со стариот и новиот дел. Се добија функционални простори, опрема за симултан превод и тие простори ќе се користат за трибини, семинари. Министерството за култура континуирно издвојува средства за набавка на нови публикации- истакна министерката за култура Елизабета Канческа -Милевска која воедно во Битола најави реализација на значајни проекти од културата во градот.
Градоначалникот на Битола, Владимир Талески ја истакна големата важност од поддршката што ја дава министерството за култура за многуте реализирани културни проекти кои ја афирмираат Битола, но и државата.
-Универзитетската библиотека е по сите европски и светски стандарди на задоволство на сите граѓани на Битола. Многу проекти ќе се реализираат во оваа година. И три проекти се значајни за Битола, тоа се: Музичкото училиште, Горната гимназија и Безистенот. Заедничката соработка на културните институции со министерството за култура, во голем дел придонесе да имаме богата културна програма за битолчани особено во летниот период- подвлече градоначалникот Владимир Талески.
Б.В.