На 29 април, пред точно 54 години, во далечната 1964 година, во предвечерието на празникот на трудот, 1 Мај, излезе првиот број на Битолски весник.
По повеќе неуспешни обиди да се издаде градски весник, група ентузијасти и вљубеници во пишаниот збор во Битола, на 29 април 1964 година го издадоа првиот број на Битолски весник.
Оттогаш цели 54 години Битолски весник секоја среда непрекинато е редовен гостин во најголемиот број битолски семејства и се појавува на киосците во Битола.
Битолски весник е без сомнение единствениот локален и регионален весник во Република Македонија, којшто успешно опстојува во македонскиот медиумски простор на печатените медиуми во Македонија, и е единствениот весник во државата којшто за период од 54 години немал ниту еден прекин во печатењето.
За разлика од останатите локални печатени медиуми, со долгогодишна традиција: “Народен глас“ од Прилеп, “Наш весник“ -Куманово, “Полог“ – Тетово, “Вардарски глас“ – Велес, “Преспански весник“ – Ресен, “Езерски глас“- Охрид, “Штипски весник“ -Штип, “Актуелности“ – Кочани… кои, за жал, не преживеаја на македонскиот медиумски простор и поради недостигот на финансиски средства за нормално излегување одамна згаснаа, Битолски весник е единствениот локален весник во Република Македонија којшто успешно опстојува досега и за среќа на илјадници свои читатели не ја доживеа нивната судбина.
Тешките пазарни услови на стопанисување, особено во печатениот медиумски простор во изминатите години не го преживеаја и дневните весници и национални печатени медиуми “Шпиц“, “Време“, “ Денес “,“Македонија денес“ неделниците “Млад борец”, “Студентски збор“, “Дело“, “Старт“, “Зум“, “Национал“, “Пулс“, “Екран“, “Остен“, “Скок”, “Република“, “Жена“, “Сега“, “Неделно време“, “Глобус“, “Дневник”, “Утрински весник”, “Вест”…
Во својата долга и бурна историја, Битолски весник беше иницијатор и реализатор на излегувањето и на фабричките весници во РЕК “Битола“, “Иднина“, “Транскоп“, “Битолатекс“, ЗИК “Пелагонија“, “Раде Кончар“, “Јавор“, “Графичар“, “Занаетчија“.
Битолски весник по издавачките куќи БИД “Мисирков“ и “Развиток“ беше најголема издавачка куќа во Битола. Во својата богата издавачка дејност Битолски весник во неговата историја издал над стотина книги, брошури, монографии на значаен број битолски автори, како што се: Ванчо Николевски, Вера Бужаровска, Јован Боцевски, Владо Додовски, Стојан Тарапуза, Видое Подгорец, Цане Здравковски, Радован Цветковски, Панде Манојлов, Менде Младеновски, Панде Петровски и други бројни автори.
Тоа претставува своевиден подвиг за овој неделник, којшто одамна ги има надминато локалните рамки и претставува значаен печатен медиум не само за Битола, туку и за југозападниот регион.
Тој е весник којшто цели 54 години е вистински хроничар не само за настаните од Битола и регионот, туку тој има и непроценливо големо влијание и за информирањето на нашите иселеници во странство, особено во европските и прекуокеанските земји.
Битолски весник веќе 54 години наназад е најпосакуваниот весник за нашите иселе-ници од битолскиот регион во Австралија, Канада, САД. Уште од првиот број Битолски весник ја воспостави својата комуникација со битолските и македонски иселеници од европските и прекуокеанските земји.
Многумина за Битолски весник велат дека е најпедантниот хроничар во градот. Некои велат дека тоа е битолскиот Пиреј, други тврдат дека е Колективна меморија на Битола, а трети дека е Светилник на битолското и македонско новинарство.
Инаку по повод јубилејот до редакцијата на Битолски весник пристигна абројни честитки со желби Весникот и натаму да опстојува, а првата честитка дојде лично од амбасадорот на Франција во Република Македонија, неговата екселенција Кристијан Тимоние, за време на неговата посета во Битола.
Инаку Франција е зеја која посебно внимание му придава на локалните и регионалните печатени медиуми кои за разлика до кај нас ја имаат поддршката на државата.
М.М.