Апелацискиот суд ја отфрли жалбата на првообвинетиот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски, и гаранцијата од околу 142.000 евра која ја понуди за да биде пуштен во домашен притвор.
На јавна седница во Апелацискиот суд тој кажа дека како гаранција тој ја нуди куќата во вредност од околу 102 илјади евра и деловен простор во вредност од околу 40 илјади евра. Дел од куќата е на негов прв братучед и локал на неговата мајка.
Неговиот адвокат Сашо Дукоски како аргумент плус за ослободување од затворски притвор ја образложи неговата здравствена состојба за која, како што кажа треба посебен режим на исхрана, која тој не можел да ја спроведува во притворски услови во истражниот затвор во Шутка.
Јовановски е во притвор од средината на јули минатата година.