Општина Новаци постојано ја следи актуелната состојба со поплавите кои доста често знаат да ги зафатат обработливите површини. Се интервенира на чистење на каналската мрежа и се преземаат засилени мерки заради најавеното зголемено количество на врнежи во следниот период.
Еден од најгорливите проеблеми е неисчистеното дно на речното корито на река Црна. Иако каналите се чистат редовно, неисчистената река Црна години наназад претставува вистински проблем за жителите на општините Новаци и Могила. Само системско и целосно чистење на оваа река може да ја намали опасноста од поплави во пелагонискиот регион.
-Нивото на река Црна изнесува 2 метри а максимумот кој претставува аларм за опасност изнесува 3,5-4м. Но и покрај тоа што засега се е во ред ја следиме состојбата со каналите, а претходно спроведовме и акција на чистење на 9-от и 10-от канал, кои врват низ целата територија на општина Новаци. Затоа е неопходно детално чистење на дното на реката бидејќи не е чистено со години и е некаде околу 1-1,5 метар повисоко од основното- изјави Лазар Котевски градоначалник на општина Новаци
Битолскиот регион на Пелагонија има околу 135 километри каналска мрежа. До оваа година се исчистени 105 километри, а деновиве фирма која не е од Битола го доби тендерот за чистење на преостанатата каналска мрежа, со што, почнувајќи од 2006 година, 135-те километри ќе бидат целосно исчистени. Од следната година, повторно ќе треба да се започне со темелно чистење, но во надлежност на Јавното претпријатие “Битолско поле“.
-Оваа година ќе се чисти 3-тиот, 4-тиот, Агларски канал и Ивањевски канал. До 2012 година каналите се чистеа со нафта од стоковите резерви во надлежнсот на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи- изјави Димче Јошевски, од Дирекцијата за заштита и спасување.
Паралелно со чистењето на каналите, чиј надзор засега го врши битолското водостопанско претпријатие, се чистат и терцијалните канали со багери во селата од општините Могила и Новаци.
По потреба, при поплави, во акциите се вклучуваат и битолските јавни претпријатија “Нискоградба“, “Водовод“ и “Стрежево“.
К.Ч.