Don't Miss
Home / Колумни / Истргувана Република (Северна)Македонија

Истргувана Република (Северна)Македонија

          Искрен да бидам  дента, на 11 јануари, откако пратениците во Собранието го изгласаа новото име на Република Македонија, во Република Северна Македонија  и откако вечерта заспав со едно име, а се разбудив со друго име на државата,  првиот ден во нашата старо – нова држава, Република (Северна) Македонија, никако не можев да се соземам од (не)очекуваното прекрстување.

           Но по немирниот сон, глеј чудо ,во саботата на 12 јануари, се разбудив со истите навики и проблеми, а и граѓаните со кои се сретнав тој ден се однесуваа  вообичаено, исто како и пред тоа.

           Како ништо да не се случило. Се беше некако исто како и секое наше катадневие.

          Единствено нешто што во саботата ми асоцираше дека веќе го живееме животот под името  Република Северна Македонија, беше тоа што во саботата беше доста  студено, многу постудено отколку претходните  денови.

          Но овој пат студот , кој  ме стресе, не беше  предизвикан само од ладниот воздух, туку од начинот на кој државата  го смени своето вековно и уставно име.

По неколку дневни ултиматуми, условувања, закани, притисоци,  пазарења, остапки, како на Кванташки пазар, премиерот  на Република ( Северна) Македонија, Зоран  Заев успеа речиси  во последен момент  да го истргува новото име на државата, со кое во иднина ќе живееме.

          Во петокот на 11 јануари, 81 пратеник со својот глас му пресудија на народот и државата и одлучија во иднина  Република Македонија  да се вика Република Северна Македонија.

          На тој начин заврши првата(полу) етапа од решавањето на речиси  три деценискиот спор со соседна Грција околу  името на државата.

          Само 81 глас на пратениците беа доволни да се смени името на суверена, независна и самостојна Република Македонија, за која на референдумот на 8 септември 1991 година од вкупно 1.132.595 граѓани, плебистицарно  ЗА гласаа 1.079308  грагани, што беше 96,45 отсто од граѓаните.

          Ваквата (не)очекувана одлука во Законодавниот дом нормално предизвика радост кај владеачкото мнозинство, особено од албанскиот политички блок, а и кај “независните пратеници” на ВМРО ДПМНЕ, кои со својот глас овој пат тие не само што и пресудија на државата, туку си пресудија и себеси и успеаја да си обезбедат слобода.

          Изгласувањето на устваните измени го откочија патот на Република (Северна ) Макеоднија на патот кон  Брисел.

          Македонија се што вети премиерот Заев исполни. Преспанскиот договор со мали корекции е целосно усвоен. Сега на потег е Грција.

          Иако премиерот Зоран Заев се колнеше во се најмило дека нема да дозволи промена на Уставот за влез во НАТО и ЕУ, сепак попушти пред притисоците и во Собранието  се “избори” за новото име на државата Република Северна Македонија.

          Во изминатиот период многу мастило е потрошено за тоа што добива, а што губи  Македонија со прифаќањето на уставните амандмани и прифаќањето промена на уставното име.

          За тоа кои се последиците, а кои придобивките допрва ќе видиме.

          Но едно е јасно.

          Со смената на уставното име се откочи процесот за евроатланските интеграции на Република Македонија.

          Потезот на Заев, колку и да не им се допаѓа на најголемиот број македоцни, сепак заслужува почит и внимание.

           Во оваа прилика, кога сите настојуваат да го оцрнат  премиерот Зоран Заев и за смената на името да го распнат на крст, на Заев едно треба да му се  честита.

          За разлика од претходните  премиери, кои  за решавањето на спорот водеа тајни преговори, Зоран Заев имаше храброст со својот предлог  за смена на името и компромисното решение, да излезе јавно пред македонската јавност  и истото да го стави на референдум.

          Тогаш опозицијата која сите изминати 11 години јавно говореше дека за било кој предлог за новото име на државата ќе се одлучува на референдум и  дека народот е тој кој ќе го каже последниот збор, се одлучи за бојкот  на референдумот.

          Со тоа на народот му беше скратена можноста тој да одлучи за судбината на Македонија и му беше отворен патот на дел од пратениците на ВМРО ДПМНЕ, против кои се водеа истраги за тешки кривични дела  и албанските политички партии со уцени, условувања, притисоци да се пазарат  како ќе гласаат.

          Водени од своите лични интереси тие како на Кванташки пазар, криејќи се зад наводниот државен интерес на Република Македонија се испазарија за својот личен интерес.

          И тоа е она што во овој момент најповеќе не само што го иритира, туку и го погодува најголемиот  дел од македонскиот народ.

           Попуштајќи пред нивните притисоци и условувања Зоран Заев успеа на врат на нос да собере 81 глас за усвојување на уставните измени.

          Но со подлегнувањето  пред таквите закани и притисоци  не само Заев туку многу изгуби и државата.

          Каква  европска држава ќе биде Македонија, ако нејзината судбина и иднина и ја одредија осумтемина” независни пратеници “ на ВМРО ДПМНЕ, кои со својот глас ја продадоа државата, да си ја купат  својата слобода.

          На  Македонија не требаше да и се случи таква (рас)продажба и трговија.

           На Македонија во овој момент кога се бори за зачувување на својот идентитет не смееше да и се случи обвинети пратеници за тешки кривични дела да ја условуваат судбната на државата со својата слобода.

          Со такви остапки црно и се пишува  на Република (Северна) Македонија.

          Таквите држави немаат перспектива, не само во Европа, туку и на Балканот.



Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*