.flexslider .slides img { width: 300px!important; height: 250px!important; display: block; }
Don't Miss
Home / Интервјуа / Да Го чувствуваш Бога значи да се чувствуваш бесмртен

Да Го чувствуваш Бога значи да се чувствуваш бесмртен

Специјално за Битолски весник:

Киро Кипроски

„На смртта празнуваме умртвување”, пее на Велигден Црквата Христова, „на адот разрушување, на друг вечен живот – почеток”.

Бог му подари на човекот неискажлива радост, поразувајќи ја причината за сите негови таги и несреки – смртта. Зашто, зад секоја човечка тага, зад секоја несигурност, страв и малодушност, длабоко во човечкото битие лежи стравот од смртта. Но, преку Воскресението на Спасителот,добивме ослободување од таа страшна и измачувачка ендогена фобија, бидејќи конечно е отстранет нејзиниот предизвикувач. Зраците од празниот Гроб на Назареецот ни го осветлуваат патот што води кон нераспадливост и бесмртност. „А што е бесмртноста?” – прашува големиот христијански филозоф Свети Исак Сирин и одговара „Бесмртноста е чувствување на Бога.” Да Го чувствуваш Бога значи да се чувствуваш бесмртен, да го живееш Воскресението Христово како свое лично воскресение. Ете затоа нашиот народ, во својата животна филозофија, во својата мудрост, стекната, пред сѐ, преку опит и личнотно доживување, единствено празникот на Воскресението Христово го нарекол “Велигден”, т.е. велик, голем ден, ден во кој„од смртта кон живот и од земјата кон небото, Христос Бог нѐ преведе”

          Средина на април. Времето во Долна Река променливо, доздливо, ветровито,студено, во еден ден се менуваа сите годишни времиња. На планините  Кораб, Бистра,Шар Планина, Десат, Стогово …падавини на снег, температурите на воздухот ниски, невообичаени за овој период од годинава.Но, тоа не влијаешеврз монасите на Бигорскиот манастир да ги извршуваат секојдневните послушанија, да ги пречекуваат гостите, верниците, посетители, ученичките екскурзии и да им го посветат потребното внимание, некои од нив работеа со градежниците на неколкуте објекти, други сосекојдневните обврски кон сточарството, земјоделството и сточарството

          Пред влезот на Бигорскиот манастир, на источниот дел на паркингот, со несмалено темпо се изведуваат градежни работи на Манастирскиот конак, наменет за гости, во манастирот „Св. Георгиј Победоносец” во дебарското село Рајчица во завршна фаза се работите на новиот конак за монашкото сестринство, на скитиот „Св. Кирил и Методиј” ,се поставува бакарен лим на покривот. Монасите ја бојадисуваа надворешната дрвена дограма на бигорските конаци, го украсуваа и го подготовуваа манастирскиот комплекс за  големиот христијански празник – Велигден, кога неколку илјади гости  ќе престојуваат и ќе учествуваат на богослужбите.

Со незначително задоцнување на договорената средба пристигна архимандрит Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, ни се извини за доцнењето  бидејки сакал  да  присутвува и на работниците да им укаже како на кровот на храмот„Свети Кирил и Методиј” да го постават бакарниот лим. Во срдечна средба отец Партениј, во пресрет на големиот празник Велигден ни одговори на неколку пршања за читателите на „Битолскиот весник” и тоа го направи со големо задоволство.

          Битолски в есник: Ваше Високопреподобие архимандрит Партениј, православните христијани со голема љубов го очекуваат Воскресението на нашиот Спасител Исус Христос. Какво значење има празникот над празниците Велигден за православните христијани на Македонија?

Отец Партениј: Воскресението на Господ Исус Христос од мртвите го зазема средишното место во живот не само на православните верници од Македонија, туку и на сите Христијани општо. Со Христовата победа над смртта, се обновува целокупната твар и на човекот му се дава можност за спасение, во незаодната светлина на вечната радост. Со други зборови, Светата Пасха Христова ни ги отвори дверите на вечното блаженство, со што се оствари Божјиот Домострој за спасението на човештвото. „На смртта празнуваме умртвување”, пее на Велигден Црквата Христова, „на адот разрушување, на друг вечен живот – почеток”. Бог му подари на човекот неискажлива радост, поразувајки ја причината за сите негови таги и несреки – смртта. Зашто, зад секоја човечка тага, зад секоја несигурност, страв и малодушност, длабоко во човечкото битие лежи стравот од смртта. Но, преку Воскресението на Спасителот,добивме ослободување од таа страшна и измачувачка ендогена фобија, бидејки конечно е отстранет нејзиниот предизвикувач.Зраците од празниот Гроб на Назареецот ни го осветлуваат патот што води кон нераспадливост и бесмртност. „А што е бесмртноста?” – прашува големиот христијански филозоф Свети Исак Сирин и одговара „Бесмртноста е чувствување на Бога.” Да Го чувствуваш Бога значи да се чувствуваш бесмртен, да го живееш Воскресението Христово како свое лично воскресение. Ете затоа нашиот народ, во својата животна филозофија, во својата мудрост, стекната, пред сѐ, преку опит и личнотно доживување, единствено празникот на Воскресението Христово го нарекол “Велигден”, т.е. велик, голем ден, ден во кој„од смртта кон живот и од земјата кон небото, Христос Бог нѐ преведе”

          Битолски  весник: Која е Вашата велигденска  порака до вашите духовни чеда, до сите верници на нашата држава?

Отец Партениј:Мојата велигденска порака до сите е истата онаа што им ја упатил Спасителот на Своите ученици, кога им се јавил по  Своето Воскресение: „Радувајте се!” Радувајте се, зашто доброто триумфираше над злото, правдата над неправдата, животот над смртта, љубовта над омразата! Радувајте се и задлабочете се во смислата на ова најголемо Торжество. Таму ќе ја пронајдете и смислата на вашиот живот, ке го најдете и вашето лично воскресение. Оваа пасхална радост не значи шизофрено негирање и рамнодушност кон проблемите и искушенијата со кои секојдневно се срекаваме, туку напротив, таа ни дава еден крајно плодотворен и активен пристап, за правилно соочување инивно надминување. Многу е полесно и побезбедно да се чекори во духовната темнина на овој свет, имајки ја со себе светлината од невечерниот ден на Воскресението.

          Битолски весник:За време на велигденските пости Бигорскиот манастир беше масовно посетуван од верници од сите краеви на Македонија, кои активно учествуваа на богослужбите и бденијата, што не беше случај во минатото. На што се должи ова?

Отец Партениј:Би рекол дека нашите манастири бележат пораст на верниците и посетителите, не само овој период на духовната пролет, како што уште се нарекува Светата Четириесетница- што, секако, самата по себе повлекува повеќе луѓе – туку континуирано, во текот на годините. Тоа се должи, пред сѐ, на редовните секојдневни и празнични богослуженија, на монашкиот подвиг и молитви, преку кои дејствува Божјата благодат и ги привлекува душите обременети од товарот на немирот и гревот, давајќи им одмор, спокој и внатрешна радост. Се трудиме, според нашите скромни можности, да им излеземе во пресрет на секој намерник, знаејќи дека гостољубието е една огромна христијанска добродетел. Преку служенњето на ближните, ние всушност Му служиме на Бога. Затоа постојано Го молиме да ни дава уште повеќе сили и благодат, за да можеме да им бидеме од полза на сите души што бараат помош и благослов од Него.

          Битолски весник: Вие сте надлежен старешина и на манастирите: „Св.Георги Победоносец” во дебарското село Рајчица, на „Манастирот  Св. Богородица – Пречиста”, Кичевско и на Кнежинскиот манастир, село Кнежино,како во нив ќе се одбележат велигденските празници?

Отец Партениј:Најнапред би сакал да појаснам дека јас сум игумен само на Бигорскиот Манастир, а со благослов на нашиот надлежен архиереј, Митрополитот Дебарско-Кичевски г. Тимотеј, сум им духовен раководител на сестринствата од Рајчица, Пречиста и Кнежино. Во врска со програмата за одбележување на претстојните празници, би можело да се каже дека единствениот начин за вистинско духовно празнување на големите и спасителни настани од Страшната Седмица и на Воскресението Христово се состои во молитвеното учество на прекрасните и уникатни богослужби, кои се карактеризираат со исклучителна длабочина и поетска убавина. Овие вдахновени богослужби, составени од свети и просветлени луѓе, ја содржат сета теологија на Христовата служба на земјата и на Неговите последни денови. Преку нив на верникот му се дава совршена можност не само историски да си спомне за големите настани што го променија светот и ги отворија вратите на вечноста, туку и на еден мистичен и автентичен начин, преку благодатта Божја, да биде и нивен сведок, односно да ги доживее како и самиот да е присутен во нив. Зашто, силата на православното богослужение е таква, што може мисловно да го пренесе верникот до сржта на самите збиднувања, надминувајќи ги стегите на просторот и времето. Во Црквата Божја, минатото, сегашноста и иднината, на еден необјаснив начин се спојуваат во надвременското ‘денес’. Затоа, доколку внимаваме на текстовите од химните на Страдалната Недела, но и на другите празници општо, ќе забележиме дека постојано се нагласува црковната сегашност: „Денес Творецот на небото и на земјата им зборуваше на Своите ученици”, „Денес на крст Јудеите Го приковаа Господа”, „Денес виси на дрво” итн. Имајки ја предвид необичната убавина и трогателна длабочина на овие богослуженија, нашето братство отсекогаш посветувало големо внимание за нивно правилно и целосно извршување, запазувајќи го карактеристичното за нив духовно благолепие и величина.

          Битолски весник:Во која насока ги имате насочено активностите за зачувување, обновување, проширување и изградба на нови манастирски објекти?

Отец Партениј:Паралелно со духовната градба, којашто е неспоредливо најважна и секогаш ни е приоритет, не престанува и материјалната градба, која го содржи во себе не само подигањето на нови објекти, туку и запазувањето и обновувањето на веќе постоечките – нешто што, се разбира, повлекува многу средства и време. Во моментов активно се работи на довршување на манастирскиот конак во Рајчица, дарителско дело на нашата голема пријателка г. Елена Пандева од Скопје, сопственик на градежното претпријатие „Елена Хоме”. Овој конак, освен соби за сместување, предвидува и работилници,кои се неопходни за секојдневните потреби и дејности на сестринството. Се работи исто така и на бигорскиот скит над с. Битуше, посветен на Св. Кирил и Методиј, кој е, пак, дарение на благочестивото семејство Џиковски од Скопје. Последно, таму беше извршено покривање на храмот со водоотпорен лим. Неодамна во Бигорски започна изградбата и на новиот гостински конак, којшто е сметен до манастирскиот паркинг. Станува збор за 1.200 квадратни метри корисна површина, предвидена претежно за гостински соби. Изградбата на овој конак е последица на зголемениот број верници и посетители во манастирот. Во него ќе има и параклис посветен на Свети Партениј Лампсакиски. Се работи, секако, и на други полиња, но ги спомнав само поглавните.

          Битолски весник: Идната година ќе ја одбележите 1.000 годишнината од постоењето на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител” и 25 годишнината од возобновувањето на монашкото братство . За читателите на „Битолски весник” споделите ги  активностите и резултатите што ги остваривте на негувањето на духовноста на населението во западниот дел на Македонија, за летните кампови по веронаука, за лечењетона младите од зависностите?

           Отец Партениј:Бидејки за споменативе дејности и мисијата на нашето братство низ годините, е говорено и пишувано и друг пат, овој пат нема нешто особено да кажам, а само ке Го замолам Бога да ни дава уште поголема желба и ревност да послужиме за доброто на што повеке луѓе, за посилно сведоштво на радосната вест и порака од Христовата вера. Што се однесува, пак, до претстојната илјадагодишнина од основањето на Бигорската Обител, би напомнал дека станува збор за еден исклучително редок и значаен настан, кој навлегува длабоко во нашето културно и цивилизациско наследство. Затоа, навистина би било жално доколку македонското општество не му посвети должно внимание, не само поради самото значење на јубилејот, туку и поради фактот што тој може да се исползува и за внатрешна и надворешна презентација на нашето духовно богатство. Свесните луѓе, коишто имаат барем и најмало чувство за наследство и љубов кон духовните блага, знаат што значи еден ваков јубилеј, и тоа цесто можеме да го забележиме кај другите земји. Ете, пример за тоа ни е неодамнешниот несрекен случај со катедралата Нотр Дам во Париз. Само неколку часа по избувнувањето на пожарот, без сѐ уште да има официјално барање од католичката црква за помош, француски бизнисмени и политичари собраа милиони и милиони евра за нејзина реконструкција. Јас искрено се надевам дека и во Македонија ќе се најдат такви совесни личности, политичари, бизнисмени, мецени, што ќе помогнат достоинствено да се одбележи бигорското илјадалетие.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*