Делегации на ИНТЕГРА-Македонска конзервативна партија по повод државниот празник Илинден положија цвеќе на Мечкин камен Крушево и на Пелинце.
„Нека е честит и вековит Илинден, денот на нашата, македонската национална чест, гордост и достоинство…ден кога се стави печат на континуитетот на вековната борба на Македонскиот народ за самобитност, национална слобода и за своја држава Македонија.
На овој ден да се навратиме на збиднувањата во 1903 и на вториот Илинден, да се осврнеме и покажеме почит кон крвта пролеана од тие горостасни Македонци, за да ние денес живееме слободно.
Како никогаш досега, денес ни е неопходно потребно национално сплотување, денес ни е животно важно да го одржиме аманетот на нашите претци, државата да си ја сочуваме и со сета сила, со се’ наше да спречиме поигрување со се’ она што е Македонско, јазик, историја, име, култура. Тоа се основни постулати за опстојување на Македонската нација. Тоа е наша света должност ако сакаме да обезбедиме иднина на нашите деца.
Земја која се одрекува од својот идентитет е како дрво без корења и таквата држава нема иднина. Ние ја имаме таа историска задача да го одржиме аманетот и да си ја зачуваме татковината Македонија.
ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија објави ПРОГЛАС до Македонскиот народ, за да ставиме печат на исконската потреба да опстоиме како стаменита и достоинствена нација и да пратиме порака до сите дека ИНТЕГРА е новиот бедем на нашата, македонската чест, гордост и достоинство.
ИНТЕГРА ја враќа на голема врата надежта кај Македонците.
ИНТЕГРА е новата надеж за татковината Македонија, за нашиот народ македонски, надеж која ќе не врати на светската сцена на стаменити нации и ќе ја востоличи безвремената македонска идеја на тронот, за навек.
За многу години Илинден!“, се вели во соопштението од ИНТЕГРА-Македонска конзервативна партија.