Home / Вести / Доделени сертификати на осум образовни асистенти на ученици со попреченост во битолските училишта

Доделени сертификати на осум образовни асистенти на ученици со попреченост во битолските училишта

Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски и заменичката на постојаниот претставник на УНДП во земјава, Сања Бојаниќ, им доделија сертификати на осум образовни и лични асистенти на ученици со попреченост во средните училишта во Битола.

Асистентите што добија сертификати стануваат конкурентни на пазарот на трудот и имаат олеснителна околност при вработувањето.

Градоначалникот Коњановски истакна дека преку Програмата Општинско-корисна работа, која се имплементира од 2017 година во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации, работно се ангажирани 23 лица.

-Од нив, 13 се образовни и лични асистенти за ученици со попреченост во средно училиште, од кои десет во средното општинско училиште „Таки Даскало“, еден асистент во медицинското училиште д-р „Јован Калаузи“ и два асистенти во средното земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“-рече градоначалникот Коњановски и додаде дека за Општината Битола преку оваа програма се прави чекор напред во инклузивниот процес на децата со попреченост и се остварува нивното право на образование, заедно со нивните врсници во образовните институции во Битола.

-На овој начин, им овозможуваме преку соодветно образование, да се стекнат со знаења и вештини кои ќе им овозможат постепено вклучување на пазарот на труд и социјална инклузија, како еден од најважните чекори во нивниот натамошен животен развој. Со реализацијата на проектите со поддршка на УНДП покажуваме дека како локална самоуправа, особено се грижиме за младите и за нас е многу важно тие да бидат дел од општината, нејзиниот развој и тука да ја гледаат иднината и својот кариерен напредок, тука да создаваат семејства и да ја сакаат Битола, која по многу нешта е единствена-додава Коњановски.

Буџетот во Програмата за социјална заштита за општинско корисна работа изнесува 3.700.000,00 денари од кои 1.500.000,00 денари се средства од Општина Битола, а 2.200.000,00 денари се донаторски средства од УНДП.

Општината Битола, заедно со УНДП во текот на оваа година, реализира уште два проекти.

Првиот проект е зајакнување на улогата на младите во Општина Битола чија цел е надминување на проблемите поврзани со говорот на омраза и деструктивни наративи кои произлегуваат од врсничкото насилство, како и подлабоко разбирање на младинското учество.

Во тек на реализација е и проектот РеЛОаД 2, во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 (РеЛОаД 2), финансиран од Европската унија, од инструментот за претпристапна помош (ИПА) и спроведуван од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Васка М.Младеновска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*