Home / Спорт / Донесена одлуката градоначалникот Талески да преговара за (купо)продажба на ФК Пелистер

Донесена одлуката градоначалникот Талески да преговара за (купо)продажба на ФК Пелистер

Советниците на Советот на Општината, денеска долго време дебатираа околу предлог- одлуката на Советот која се најде како прва точка на дневниот ред, со која на градоначалникот на Битола д-р Владимир Талески му се даваат одврзани раце тој да преговара со заинтересираните купувачи на фудбалскиот клуб Пелистер, кои до Општината доставија понуди за негово купување.
Како што се и очекуваше опозицијата остро се спротивстави на ваквиот предлог и се изјасни дека нема истиот да го поддржи, бидејќи Талески наводно ја пропуштил шансата да го продаде Пелистер.
Притоа советниците на опозицијата упатија остри критики кон актуелната локална власт за состојбите, не само во фудбалот , туку воопшто и за спортот во Битола.
Таквите обвинувања од страна на советниците на опозицијата советниците на мнозинството енергично ги отфрлија со образложение дека со изгласувањето на одлуката за давање ингеренции Талески да преговара со заинтересираните понудувачи, за купување на клубот нему му се даваат само одврзани раце тој да ја направи еваулацијата, а потоа одлуката за продажба на Пелистер ќе ја донесат советниците на Советот.
По многу убедувања и разубедувања, како и дискусии, мнозинството советници на Советот ја изгласаа одлуката за давање “виза“,  Талески да преговара со заинтересираните купувачи за купување на Пелистер, додека опозицијата остана воздржана.
Со оваа одлука се утврдува правото за продажба на доминантниот пакет на акции на Општина Битола во фудбалскиот клуб Пелистер, запишани во централниот депозитар за хартии од вредност, како 250 акции во вредност од 25.000,оо евра, односно 1.537.500,оо денари.

sednica 2

Во предлог одлуката на Советот меѓу другото се вели дека поради неуспешноста на постапките за продажба на акциите на ФК Пелистер спроведени согласно одлуката за продажба на акции во сопственост на Општина Битола, донесена од Советот на Општина Битола на 30.05.2014 година, се овластува градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески да изврши евалуација на алтернативните понуди пристигнати во архивата на Општината Битола до 12. септември 2014 година, и склучи договор со најповолниот понудувач за купување на Пелистер. Инаку, општината Битола да потсетиме неодамна одлучи фудбалскиот клуб Пелистер да се продаде под следните критериуми: минимален рок на стопанисување со клубот од 5 години, износ на средства кои се обврзува да ги инвестира, стабилен развој на фудбалскиот спорт на подрачјето на општината, гаранции за висок пласман во Првата фудбалска лига, можност за материјално финансиска соработка, менаџирање и поддршка на други спортски екипи од највисок ранг на натпревари во Република Македонија на подрачјето на Општина Битола.
По спроведената постапка, Советот на Општина Битола на предлог на градоначалникот Владимир Талески ќе донесе одлука за продажба на акциите во определен број и вредност, стои во одлуката за продажба на Пелистер.
Инаку како што е познато до општинската администрација досега се пристигнати три понуди за купување на ФК Пелистер. Тоа се понудите на фирмата “Цермат”, ЗК Пелагонија и кипарскиот бизнисмен Гаврилл Папанaстасатос.
На седницата на Советот советниците без многу дискусија ја прифатија и предлог одлуката за формирање на Друштво за спортски дејности, ракометен клуб Пелистер АД Битола, со седиште во просториите на Општината Битола.
Според оваа предлог- одлука, Општината Битола, која се јавува како основач на РК Пелистер ќе поседува 30 отсто од акциите, а ГП “Пелистер” и “ Цермат “ ќе имаат по 35 отсто од вкупните акции. Инаку, основачкиот влог на ракометниот клуб Пелистер ќе биде 25 илјади евра во денарска противредност, која ќе ја обезбедат трите оновачи, општината Битола, ГП “Пелистер”, “Цермат”. Во основачкиот влог општината Битола ќе учествува со 7.500.00 евра. Инаку, општината Битола во новата управа на РК “Пелистер” ќе ја претставува советникот Леонида Чолаковски.

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*