Државата итно треба да направи национален концепт за откривање и работа со надарените и талентираните студенти по примерот на Словенија, за да се спречи одливот на мозоци.
Недоволната грижа на државата е всушност најголемата негрижа за талентираните студенти и не е важно колку една држава има таленти туку најважно е колку од нив ќе останат во државата, беше главната порака од денешната тркалезна маса, вебинар, на тема: „Се може да се одложи, само грижата за талентите не“ што се одржа на Педагошкиот факултет во Битола.
-Денес, се одбележува Меѓународниот ден на надарените и талентираните и сакаме да испратиме јасен сигнал и до општеството и до надлежните институциите со цел да се подигне општествениот сензибилитет за поголема грижа и интерес за надарените и талентираните на сите нивоа, бидејќи како што кажува и насловот на денешната тркалезна маса: „Се може да се одложи, само грижата за талентите не“. Тоа доволно зборува за потребата целокупното општество да се мобилизира и со преземање на јасни и конкретни активности да им се овозможи на талентираните да останат во државата и да се стопира одливот на мозоци, што е една од болните теми за нашето општество-рече проф. д-р Љупчо Кеверески експерт за надарени и талентирани.
Педагошкиот факултет во Битола со поддршка од Министерството за образование и наука четврта година по ред го одбележуваат Светскиот ден на талентираните и надарените студенти.
-Педагошкиот факултет во рамките на УКЛО е првиот факултет што во 2012 година отвори втор циклус за образование за надарените и талентирани и успеавме да акредитираме трет циклус што е единствен во Југоисточна Европа, но, уште поважно е што на ниво на Универзитет се изготви правилник за поддршка и развој на надарените и талентираните и во владина процедура е еден посебен документ што е наречен Институт за поддршка и развој на надарените и талентираните. Тука би сакал да ја истакнам поддршката од Министерството за образование и наука што даде согласност за реализација на проект за едукација на стручните соработници за идентификација на надарените и талентираните и во тој сегмент се покажува дека општеството се буди за потребата, што претставува еден позитивен сигнал-додава проф. д-р Љупчо Кеверески.
Според него комплексен е одговорот на прашањето колку од студентите во кои вложува државата се враќаат назад во Македонија и нивното знаење и искуство го имплементираат во татковината.
-Од клучно значење е првата детекција да се направи уште во предучилишната возраст и обуките за кои даде согласност Министерството и Бирото за образование, стручните работници да се подготват со прашалници и скали на процена како и на кој начин можат да ги идентификуваат и легитимно да посочат дека тоа дете е надарено и талентирано за таа област-вели Кеверески.
Кристијан Велјановски студент на Факултетот за биотехнички науки во Битола, беше учесник на денешниот вебинар како надарен студент и рече дека токму ваквите настани ги мотивираат студентите, перспективата да ја гледаат во Македонија.
-Токму државата ни помогнала да се стекнеме со образование и оттука потребно е да и возвратиме, иако во последните години доста модерно е сите студенти да заминуваат во странство. Мотивирачки е за нас студентите да видиме дека државните институции преземаат мерки за да останеме и да се вработиме во државата и перспективата да ја гледаме дома-вели Велјановски.
Истото мислење го сподели и талентираниот студент од Педагошкиот факултет во Битола Дејан Петровски.
Тој рече дека ќе остани во Македонија, но, дека другите студенти според нивните кажувања не се гледаат тука во државата, се жалат на условите, и размислуваат да заминат во странство.
-Успехот не се постигнува преку ноќ, туку со многу работа, труд и фокусирање. Доколку не се потрудиш самиот, успехот никој нема да ти го даде-вели Петровски.
Организатор на вебинарот на тема: „Се може да се одложи, само грижата за талентите не“ покрај Педагошкиот факултет од Битола беше и Министерството за образование и наука.
Васка М.Младеновска