Don't Miss
Home / Македонија / Филмот “Ослободувањето на Скопје” ја крена публиката на нозе

Филмот “Ослободувањето на Скопје” ја крена публиката на нозе

Синоќа во Битола, во преполнетата сала на Центарот за култура  свечено беше отворено годинашното, 37.   издание на интернационалниот  фестивал на филмската камера “ Браќа Манаки“.

Свеченото отворање помина во знакот на доделувањето на наградата за животно дело на австралискиот кинематографер, оскаровецот Џон Сил и премеирата на филмот “Ослободувањето на Скопје“.

Проекцијата на филмот ги воодушеви присутните во салата, кои неколку минути и аплаудираа на екипата која играше во филмот.

Своето огромно задоволство од тоа како публиката го прими филмот и од тоа што го направија, не можеа да го скријат ниту  актерите во филмот, па ниту  легендарниот  Раде Шербеџија, кој не можеше да ги скрие своите емоции и кој во кусото обраќање до присутните во салата истакна  дека со премиерата на филмот “Ослободувањето на Скопје” на фестивалот на браќата Манаки, тој практично  го доживеа својот најсреќен ден во својата импозантна филмска, а и режисерска кариера.

Инаку,  годинашното 37.  издание на  фестивалот на филмската камера  “Брака Манаки” започна  со  доделување на наградите за животно дело „Златна камера 300” на австралискиот кинематографер, оскаровецот Џон Сил.

Изразувајќи ја својата огромна благодарност за доделеното признание  Џон Сил ја меѓу другото истакна:

-Навистина е голема чест што претседателот на Република Македонија  ми ја доделува оваа награда. Голема  чест е да се држи оваа награда од некој,  што како младо момче кое пред многу години со својата 8- милиметарска камера тргнало по светот надевајќи се дека ќе успее да најде кариера послана со задоволство и успеало во тоа.

Фестивалот свечено за отворен го прогласи претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој е генерален покровител на Фестивалот.

-Пред четврт век, Република Македонија прогласи независност. Се соочивме со речиси сите предизвици со кои може да се соочи една држава. Со победи и падови, со успеси и порази. Кој и да го прочита сценариото за Македонија ќе види дека воопшто не ни беше здодевно во овие 25 години. Но, има еден аспект од независноста со кој речиси никогаш немавме проблеми. А тоа е полето на филмската уметност. На ова поле имаме импресивно филмско резиме. Затоа, треба да продолжиме да ги промовираме овие наши културни и уметнички вредности кои му даваат боја на сивилото – рече претседателот  Иванов.

Инаку,  свеченото отворање  на 37.  издание на фестивалот на филмската  камера “ Брака Манаки “  започна  со перформансот на режисерот Мартин Кочовски и со визуелен концепт на Филип Јовановски, кој се обиде преку енергичниот сценски перформанс да прикаже неколку животни циклуси, инспирирани од мотото на фестивалот, „Мовие он”, што го толкува како да се продолжи да се снима, но и да продолжи да се живее.

На свеченото оторање на  фестивалот покрај првиот човек на државата присуствуваше и министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска, голем број гости и филмски работници.

 

 

 

 

Б.В.

Фотографии: С. Ристевски

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*