Don't Miss
Home / Колумни / Финансиска (не)дисциплина

Финансиска (не)дисциплина

За нешто повеќе од еден месец, поточно од 1 јануари следната година, кај нас ќе стартува задолжницата, како средство за редовно плаќање. Задолжницата ќе важи за сите договори во бизнисот повисоки од 5.000 евра.

Иако за овој начин на обезбедување на плаќањето на обврските кон деловните партнери, особено од приватниот сектор, имаше доста резерви, сепак, ако се знае дека задолжницата се воведува со цел да се стави ред во плаќањето, тогаш навистина ваквата финансиска мерка на Владата треба да се поддржи.
И се би било во ред доколку, како и во други случаи, така и во овој, од обврската своите обврски да ги гарантира со задолжница не беше изземена државата.
Но, и овој пат, овој закон не важи за државата, со што таа си даде фора и натаму нередовно да ги сервисира своите обврски. Со тоа држата повторно си даде право да не мора редовно да ги извршува своите обврски кон тие на кои им должи, туку како и во редица други случаи, оваа законска обврска ќе важи само за приватните фирми и компании.

Ако се знае дека кај нас најголем работадавач веќе години со ред е Владата, за која работат најголем број ма-кедонски компании, тогаш навистина од ваквиот закон нема многу да се офајдат приватните компании. Напротив, тие и со овој закон ќе се најдат во мошне непријатна ситуација да бидат ставени пред свршен чин, своите обврски редовно да ги подмируваат, а за тоа време државните доверители и натаму ќе можат да се однесуваат комотно, како и досега, и да плаќаат кога за тоа ќе почувствуваат потреба, или кога ќе се смилува како што најчесто велат тие, чуварот на државната каса, министерот Ставревски.

Иако овој закон нема многу да го погоди Битолски весник, сепак, во оваа прилика вреди да се нагласи дека наместо власта со законските мерки да ги натера на финансиска дисциплина државните компании и институции, кои ни самите не знаат колку должат, повторно се дисциплинираат приватните компании кои и така во најголем број случаи, чест на исклучоци, редовно си ги подмируваат своите обврски.
Со овој закон само ќе продолжи и така привилегираната позиција која ја имаа(т) државните фирми и институции, а која истите, најблаго речено, ја (зло)употребуваат.
Имено, иако некои државни фирми и институции, па и општини, веќе со години имаат блокирани сметки, сепак тие преокупирани со “инвестициските зафати“  ниту имаат време ниту чувствуваат потреба да ги вратат долговите. Како тоа да не е нивни проблем, тие едноставно реализирајќи ги своите проекти и програми немаат време да мислат на долговите. За тоа време долговите растат, а каматите многукратно ги зголемуваат нивните обврски.

Таквите (не)успешни државни “менаџери“  многу не ги погодува ни тоа што нивните извршни предмети со години чекаат на извршување. Едноставно сметаат дека тоа не е нивна работа. А и зошто да мислат да ги плаќаат своите обврски навреме, или да ги одблокираат своите сметки, кога имаат паралелни сметки и кога и покрај огромните долгови што ги имаат и блокираните сметки, со одлука на Владата тие можат слободно да располагаат со значајни износи кои ги надминуваат нивните потреби и нивните вработени редовно добиваат плата.
Воедно, тие за сите свои нередовни плаќања имаат алиби дека тие ги потпишале налозите за плаќање, но тие стојат во трезорот и дека Ставревски е тој кој треба да ги плати побарувањата.

И додека со сите мерки кои во последно време ги презема Владата за дисциплинирање на фирмите, а и граѓаните се настојува да се стави ред во исполнувањето на обврските, засега кабинетот на Груевски се уште се воздржува да воведе ред, или задолжница за плаќање во бројни сектори, кои го носат предзнакот државни.

Па, така, денес имаме случаи, општини да бидат блокирани и по 9 години да должат милионски суми девизни средства, а за тоа време око да не им трепне да ги платат своите обврски, имаме училишта со блокирани сметки, факултети кои не можат со години да ги платат своите обврски, од кои некои се дури симболични.

Иронијата да биде поголема и покрај таквата (пре)задолженост тие себеси се сметаат за успешни луѓе, па постојано држат пресови за реализирани проекти, а тоа што долговите ги пролонгираат за идните генерации, тоа нив воопшто не ги допира.
Но она што е навистина загрижувачко е што токму таквите државни должници со себе ги повлекуваат и добрите компании, па и нив ги прават неликвидни и ги доведуваат во навистина тешка финансиска состојба, а некогаш дури до стечај.

Додека најголемиот број приватни компании на секој начин, дури со ставање на своите приватни имоти под хипотека, се обидуваат да ги плаќаат своите обврски кон доверителите и кон државата, голем број (не)успешни државни менаџери, иако се заглавени до гуша, немаат ни абер да си ги подмират долговите.

Нивното објаснување е дека немаат пари и дека не е нивно да се грижат за тоа. Тоа што долговите се трупаат секој ден и со години чекаат на извршување нив ни малку не ги загрижува. За нив финансиската дисциплина не важи. Нивните долгови и грешки ги плаќа народот, а Владата е таа која со своите закони и уредби буквално им го овозможува тоа.

Доколку биде обратно, тогаш прашање е колкумина од нив воопшто би помислиле, а камоли би се нафатиле да извршуваат раководна функција.

 

 

 

Автор:  Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*