Don't Miss
Home / Економија / Германија ги отвора вратите за работници од Балканот

Германија ги отвора вратите за работници од Балканот

Германската влада го усвои нацрт-законот за ангажирање квалификувана работна сила надвор од земјите на Европската Унија бидејќи се соочува со проблем на стареењето на населението.

Новиот закон предвидува граѓаните на земјите што не се членки на ЕУ, а имаат квалификации потребни за Германија, да добијат дозвола за престој од шест месеци за да најдат работа. Во овој период, тие мора да имаат свои средства за живот и да покажат доволно ниво на познавање на германскиот јазик.

Министрите за економија и за труд, Петер Алтмаер и Хубертус Хајл, го поздравија донесувањето на законот оценувајќи дека со него ќе се овозможи праведна шанса и јасни правила во политиката за доселување на квалификувана работна сила.

Алтмаер изјави дека станува збор за историски момент во кој Германија го менува начинот на размислување кога станува збор за доселувањето.

„Ние зад себе ја оставаме идеолошката расправа за доселувањето која траеше 30 години“, рекол министерот алудирајќи на долгогодишното одбивање на политичките фактори во Германија државата да ја прогласат за доселеничка земја.

Министерот за труд пак, рекол дека демографските промени и дигитализацијата ја ставаат германската економија пред голем предизвик додавајќи дека на Германија веќе ѝ недостигаат 1,2 милион стручни работници.

Една од најважните новини за идните имигранти е укинувањето на правилото според кое работникот може да биде вработен само ако работодавачот докаже дека за таа работна позиција не може да се најде соодветен работник од Германија или на Европската Унија.

Според новиот закон, градовите и општините имаат право во иднина да реагираат на трендовите на пазарот на трудот и, според нивните потреби, да ги променат критериумите за вработување на работници кои не доаѓаат од Европската Унија.

Овие луѓе, вклучувајќи и многу жители на Западен Балкан, ќе добијат постојано вработување под одредени услови, како што се познавање на германскиот јазик и добра интеграција на пазарот на трудот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*