Don't Miss
Home / Вести / Гласањето во Битола се одвива без проблеми

Гласањето во Битола се одвива без проблеми

Точно во 7 часот изутрина навреме беа отворени сите 170 гласачки места во Општина Битола. До 9 часот кога беше направен првиот пресек на излезноста, според претседателот на Општинската изборна комисија Игор Талевски гласале 4,55 проценти од вкупните избирачи запишани во Избирачкиот список. Гласањето се одвива во демократска и коректна атмосфера речиси без никакви проблеми.

-Право на глас имаат вкупно 77 илјади 419 избирачи запишани во Избирачкиот список. Во текот на вчерашниот ден беше спроведено гласање на затворениците во Казнено поправниот дом во Битола, каде што гласаа 80 затвореници од вкупно 100 пријавени. Во Старскиот дом „Сју Рајдер“ во Битола од вкупно 100 пријавени, гласаа 68 лица-информираше Талевски.

Тој додаде дека гласањето се одвива речиси без никакви проблеми.

Избирачкиот материјал беше доставен навреме од страна на Државната изборна комисија (ДИК) до Општинската изборна комисија и од наша страна до Избирачките одбори во текот на вчерашниот ден. Вчера гласаа и 136 болни и страни и изнемоштени лица, 136 од вкупно пријавени 140 лица-информираше претседателот на ОИК Битола, Игор Талевски.

На едно од гласачките места во Битолската библиотека своето право на глас утрово го искористи и 87 годишната битолчанка Вера Димитровска.

-И верувам на државата и секои избори редовно гласам. Од кога почнав да гласам па се досега кога сум во длабока старост редовно гласам. Јас го дадов својот глас, а што ќе избере народот тоа не знам. Се надевам на добро-изјави по гласањето битолчанката Вера Димитровска.

И нејзината сограѓанка Драгица Тасевска и покрај тоа што има над 90 години уште од раните утрински часови беше на гласачкото место да го искористи нејзиното право на глас.

-На претседателот што ќе го избере народот му посакувам да му даде Господ здравје а тој нам да ни пружи подобар живот. Да се заложи особено младите да не ја напуштаат државата и да останат да живеат и работат во Битола која од конзулски град, за жал се претвори во едно обично село-изјави Тасевска.

Инаку, Избирачкиот список во Битола поради масовното иселување особено на младите во последните години брои 4.636 гласачи помалку од изборите за градоначалник во 2021 година, односно пред две и пол години.

Од Општинската изборна комисија (ОИК) потврдија дека разликата во гласачите е околу 5.000, но велат дека тие немаат податоци на што се должи тоа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*