Don't Miss
Home / Uncategorized / Големата ѕвезда за Вардар филм

Големата ѕвезда за Вардар филм

Имајќи ја предвид историската, пионерска улога на браќата Манаки, на почетокот на 20-от век, организираниот развој на македонскиот филм/македонската кинематографија започна веднаш по втората светска војна, со основањето на единствената државна продуцентска куќа Вардар Филм во 1947, со што беа удрени темелите на идниот кинематографски развој особено во доменот на филмската продукција, а Вардар Филм скоро половина век потоа беше синоним за нашето филмско творештво.

Во периодот на еџ-ЅУ кинематографскиот развој Вардар Филм од Скопје, прераснуваше во еден од поразвиените продукциски центри, создавајќи сопствен професионален и творечки кадар, режисери, сценаристи, сниматели/кинематографери, продуценти, монтажери, сценографи, композитори, артисти, со оформена документаристичка школа, од првите почетоци до 1991 со независноста на Р.Македонија и реализирани над 700 документарни, кратки и анимирани, кои се создаваа во студиото за анимиран  филм во Вардар филм, по 1971 година, што  ги  означи почетоците на македонскиот анимиран филм, со златното време од 1970-те, 80-те, кога нашите автори аниматори се закитија со бројни награди во Белград и на странските фестивали, чија 45 годишнина ја одбележавме минатата година во рамките на 37 издание на Браќа Манаки.

Особено македонската филмска документаристика бележеше успеси во континуитет, со освојување на награди на тогашните домашни фестивали, посебно годишниот Мартовски фестивал во Белград, каде што авторите/режисери, сценаристи од редовите на Вардар Филм освојуваа бројни фестивалски медали како најдобри кратки документарци, со Златниот медал освоен од Трајче Попов за неговиот одличен документарец ЛИКВИДАТОР, а на меѓународен план ДАЕ на Столе Попов се закити и со Гран При на фестивалот во Оберхаузен, за потоа да биде Номиниран меѓу 5-те најдобри светски документарци за Оскарот, во таа категорија. На планот на целовечерниот игран филм, Вардар Филм, 5 години по  основањето, во 1952 го произведе првиот македонски долгометражен игран филм ФРОСИНА (значи, годинава го одбележуваме и Јубилејот- 65 години од продуцирањето на првиот македонски игран филм), за со до тогаш, над 50-на снимени домашни играни филмови,  најголемиот успех на македонската кинематографија да го оствари со интернационалната копродукција во создавањето на ПРЕД ДОЖДОТ на тогашниот дебитант сценарист/режисер Милчо Манчевски, во 1994 година на 51-от Фестивал во Венеција, а следната 1995 и Номинацијата меѓу 5-те најдобри филмови за Странскиот Оскар. Во тој скоро полувековен период Вардар Филм и неговите автори со филмовите од разни жанрови, покрај Пулскиот и Белградскиот, учествуваа и освојуваа престижни награди во Берлин, Москва, Венеција, Карлови Вари, Краков, Оберхаузен,  Сан Себасатиан, Чикаго, Каиро, Париз, Лајпциг, Аделаида, Њу Делхи, Исмаилија, а исто така филмови од својата продукција беа презентирани во рамки на државни и фестивалски размени на разни фестивали или посебни ревии на македонскиот филм. Во меѓувреме Вардар Филм во новата поставеност, покрај централната позиција на Агенцијата за филм на РМ, комплементарно се престројува во рамките на идниот кинематографски развој, и во дослух и соработка со Кинотеката на Македонија, ја обезбедува дигиталицазијата на домашното филмско творештво со намера и цел да се обезбеди реализацијата на  тој процес како целосен потфат, а за што сведочат и циклусите на прикажување на дигитализирани филмски копии од ризницата на Вардар Филм.

Вардар филм и во неговите рамки подоцна конституираното ДФРМ, кое во 1979 преку своите членови од ветеранската генерација, го иницираше и основа Фестивалот на Филмските сниматели/Манакиеви Средби во Битола, кој од фестивал на југословенските сниматели во документаристиката и целовечерниот игран филм, по независноста на Р.М. во 1991, ја започна својата Интернационална етапа како ИФФК/Интернационален Фестивал на Филмската Камера, Браќа Манаки, со реномето на прв и најстар светски фестивал посветен на творештвото на кинематограферите, при што Вардар Филм имаше  значаен и главен удел и во растежот на овој најзначаен  филмски интернационален фестивали што се одржува во Македонија, со престижното педигре на прв и најстар специјализиран фестивал за светските кинематографери. Токму во таа повратна спрега, на 38-то издание на фестивалот Браќа Манаки, со должен респект ќе се одбележат двата јубилеа, 70 ГОДИНИ ВАРДАР ФИЛМ од постоењето и работата на оваа поранешна единствена државна продуцентска куќа и нејзината поврзаност со фестивалот, и 65 годишнината од првиот македонски игран филм ФРОСИНА, а како составен дел од антологијата на Вардар Филм, како стожер во значајна етапа од  7 децении на македонската кинематографија.

Благоја Куновски

Директор на  ИФФК Браќа Манаки

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*