Don't Miss
Home / Економија / Горчливата судбина на слаткиот битолски шеќер

Горчливата судбина на слаткиот битолски шеќер

Оптимистичките најави дека по продажбата на фабриката за шеќер „4 Ноември“ во Битола, на бугарската компанија ДООЕЛ „Кинлеви“, битолскиот шеќер конечно, по неколку години пауза, ќе се врати на македонските трпези, се покажаа како премногу надежни, па дури и нереални. Иако од продажбата на битолската шеќерана на новиот бугарски сопственик поминаа неколку месеци, засега нема никакви најави за рестартирање на шеќераната. Напротив, според информациите што ги добивме, изгледа дека ќе треба да протечат уште многу води низ Драгор за да се случи тоа.

Во битолската јавност често можеше да се слушне дека новиот бугарски сопственик, кој ја купи шеќераната за нешто повеќе од 3,5 милиони евра, не го рестартира производството наводно затоа што моментната цена на шеќерот на пазарот била многу ниска, но сепак, како што стојат работите, причините изгледа се сосема поинакви.

Имено, по купувањето на фабриката, новиот сопственик, според информации на „Нова Македонија“, освен со ниската цена на шеќерот што владее моментно на пазарот, се соочил и со други, според него, непредвидени пречки, кои наводно го спречиле да го рестартира производството.

Според нашите извори, пред неколку месеци, кога по одлуката на собранието на доверители од стечајот беше продадена шеќераната, се продало само тоа што било имот на фабриката и за која битолската шеќерана имала имотен лист.

Но другиот дел од фабриката новиот сопственик не го купил бидејќи не бил легализиран. А без да го купи него, тој во никој случај не можел да го обнови производството.

Наводно, токму таквата нецелосна продажба, само на дел од имотот на фабриката, била причина да дојде и до смена на стечајната управничка и во шеќераната да биде назначен нов стечаен управник, кој сега го води стечајот.

Иако новиот стечаен управник не сака да зборува за јавноста и не сака воопшто да навлегува во причините и мотивите зошто сѐ уште не е рестартирано производството на шеќер, сепак тој кратко ни изјави дека во изминатиот период, откако бил именуван за стечаен управник, неговата главна активност била насочена пред сѐ да го легализира нелегализираниот имот на фабриката.

Дури по неколку месеци таквата активност била завршена и бил легализиран и преостанатиот дел од фабриката, па тој успеал да го впише во имотниот лист во катастарот, така што сега токму тој имот бил на продажба.
Но на последната продажба, која била закажана пред извесно време, според него, не се јавил никој да го купи понудениот дел од преостанатиот имот на фабриката, а не се јавил ни сопственикот на „Кинлеви“, кој е доминантен сопственик на најголемиот дел од имотот во фабриката.

Според стечајниот управник, наскоро ќе следува нова продажба на имотот, на која тој верува дека ќе се продаде и сега легализираниот имот на шеќераната.

Да потсетиме, пред неколку месеци по одлуката на собранието на доверители битолската шеќерана беше продадена за 3,5 милиони евра. Новиот купувач на фабриката, кој се занимавал со бизнисот со шеќер, по купувањето на фабриката искажал сериозни намера да го обнови процесот на производство на битолската шеќерана. Веста за продажбата на шеќераната во голема мера ги израдува над стотина поранешни вработени во фабриката, кои по воведувањето на стечајната постапка изгубија надеж дека фабриката повторно ќе проработи.

Заминувањето во стечај на фабриката дојде само неколку месеци откако заменик-министерот за земјоделство и шумарство Ванчо Костадиновски го најави враќањето на шеќерната репка во Пелагонија.
Најавеното враќање на шеќерната репка на пелагониското поле во голема мера тогаш ги израдува битолските производители на репка, бидејќи оваа култура беше доста доходовна за нив.

– Доколку се има желба, мислам дека постојат одлични услови по седум години пауза повторно да се врати репката во Пелагониското Поле. Од нејзиното враќање нема да имаат корист само сопствениците на фабриката и земјоделците туку ќе се офајдат и големиот број кооперанти, а ќе се намали и невработеноста во Битола, бидејќи кога работеше шеќераната, во „кампањата“ по неколку месеци беа ангажирани најмалку по 400 сезонски работници. Свој интерес имаа и фирмите што ја транспортираа репката од нивите до фабриката, потоа фабриката за квасец и алкохол, која не мораше да купува меласа надвор од Македонија, како и фармерите што со користењето на резанецот добиваат евтина добиточна храна. Наедно со нејзиното враќање многу ќе се придонесе за подобрување на плодоредот на нивите, бидејќи откако во Пелагонија не се сади повеќе репката, земјата практично е испостена од садењето само на две култури, пченица и јачмен – изјави тогаш лидерот на Сојузот на земјоделци, Вељо Тантаров.

Инаку, обидот за враќањето на репката како култура во Пелагонија и во земјава не е прв и досега единствен. Имено, и порано имало обиди за повторно враќање на репката, но во изминатите години земјоделците и менаџментот на фабриката никако не можеа да најдат заеднички јазик за нејзино производство.

Недоразбирањата почнаа кога поранешните бугарски газди побараа да се произведува репка исклучиво под одредени стандарди, кои земјоделците не можеа да ги прифатат. А тие беа репката да биде тешка од 900 до 1.200 грама, а шеќерноста да изнесува над 17 отсто.

Наедно, новите сопственици инсистираа репката да се чисти на самите ниви, а не како дотогаш – директно од нивите, неисчистена, да се носи во фабриката за шеќер. Таквите услови пелагониските земјоделци не можеа да ги прифатат и од 2007 година репката исчезна од полињата не само во Пелагонија туку и во Кочани, Куманово, Тетово, Скопје, Струмица, каде што шеќераната имаше свои откупни пунктови.

 

 

 

Автор: Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*