Don't Miss
Home / Градска хроника / Градоначалничката Наташа Петровска со порака: Битола да ни биде дом за сите!

Градоначалничката Наташа Петровска со порака: Битола да ни биде дом за сите!

Во саботата, на традиционалната свечена академија во Битолскиот Народен театар  беа доделени овогодинешните четвртоноемвриски  награди кои традиционално се доделуваат  по повод одбележувањето на празникот 4 Ноември, Денот на ослободувањето на Битола.

Пред прогласувањето на годинашните добитници на наградите,  пред многубројните присутни најпрво се обрати градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска која во своето свечено обраќање истакна:

-Битола е градот во чии прегратки растеа многу уметници, академици, научници, доктори, професори, хуманисти, наградувани, многумина кои ги скршиле временските рамки со своите дела. Во оваа прилика им честитам на сите кои чисто, искрено, безрезервно, недвосмислено, својата енергија и умешност ги вложиле за доброто на Битола, битолчани и човештвото воопшто. И како што е библиски запишано, неуморувајте се од правење добро, така да се однесуваме. Она што е најважно во сите тие намери, тенденции, никогаш да не се заборави дека честа е поскапа од парите. Да направиме Битола да биде дом на битолчани, да не ни заминуваат децата, бидејќи во секого од нас горат стиховите “За Солуна, за Стамбола Битола не давам”.

Овие пораки на градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска беа поздравени со овации од многубројните присутни во Битолскиот Народен театар,  на прославата на Четврти Ноември, Денот на ослободувањето на Битола.

Градоначалничката  Наташа Петровска Битола во иднина ја гледа како космополитски град со конзулски сјај. Битола која ќе биде отворена кон светот.

-Битола во моите очи е град на кој треба да и се врати конзулскиот сјај , космополитизмот да доживее ренесанса, нам ни требаат повеќе уредени улици, средени паркови, повеќе детски  градинки, поубави училишта, модерни пазари, разиграна чаршија, ведар Широк Сокак. Во иднина ги гледам спортските терени и разиграноста во нив. Неуморно, со верба, љубов и подадена рака кон нови достигнувања , нашите бисери Пелистер, Хераклеја, нашата местоположба Пелагониското поле, архитектурата, нашата раскошна историја, покажуваат на огромни можности за многу бројни насмевки на туристи, за отворање на Битола кон светот и влез на светот во Битола- додаде градоначалничката Петровска притоа додавајќи:

-Четврти  Ноември  е историски бедем на нашата борба, непрегор, симбол на вербата за поубаво утре. И денес одекнува оној 4 Ноември 1944 година кога Седмата македонска бригада гордо, победнички, радосно маршираше по нашиот Широк Сокак бележејќи крај на нечие човеково лудило. Тие луѓе, непоколебливо борци на своите плеќи, со своите жртви ни го донесоа највредното, слободата.  Непоколебливоста на Карамнади, непокорот на Стив, мудроста на Карангелевски, непрегорот на Тунелот, храброста на Таки Даскалот и многумина нивни соброци,  ни овозможија да бидеме свои на своето, да имаме избор, да имаме ведро небо. Тоа е наследство  кое никогаш нема да е наше, додека секој од нас не го заслужи- порача во својот говор пред битолчани, градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Инаку, на свеченоста наградата за животно дело му беше доделена на  проф.д-р Трајко Огненовски   универзитетски професор, научник и лингвист од Битола. Беа доделени и  едногодишни награди во неколку области: За  Д-р Васо Радивоевиќ, вработен во ЈЗУ Клиничка Болница „Д-р Трифун Пановски”-Битола, заради достигнувања од областа на здравствената заштита, Драган Најдовски, самостоен ликовен уметник, заради неговата  ангажираност на полето на ликовниот живот во Битола, и Менка Николовска, заради остварувања од областа на хуманоста и филантропијата.

Присутните на прославата имаа можност да ја проследат изведбата на мешаниот хор при КУД „Стив Наумов”.

Инаку, Општината  Битола годинава   одлучи  да донира финансиски средства  во висина од 30.000 денари за  Центарот за деца со аутизам.

 

Автор: Васка.М.Младеновска

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*