Фудбалерите на Пелистер во неделата се вратија во Битола по 14 дена подготовки кои ги минаа во Белек, Анталија. По двете седмици на “пелистерци“ им преостануваат помалку од две седмици до стартот на пролетниот дел кој е закажан за 1 март, а прв противник на зелено-белите ќе биде екипата на Брегалница.
На овие зимски подготовки, на кои екипата на Пелистер немаше отидено повеќе години, тие не можат да се пофалат со некој резултат, но со оглед дека на овие подготовки заминаа тринаесет нови фудбалери, а таму им се приклучи и нов голман, може да се рече дека најважното кое го зацтра тренерот Ѓоко Хаџиевски со овие млади фудбалери е направено. Пред се тука се мисли на физичката подготовка која треба да ја имаат фудбалерите.
За подготовките на Пелистер во Турција, тренерот Ѓоко Хаџиевски по враќањето во Битола рече:
-Од тоа како ги одработивме подготовките во Анталија сум многу задоволен. Но, пред да кажам некој збор за подготовките мора да напоменам и за условите кои ги имавме овие две изминати седници. Условите беа такви како што само може да посака секој тренер и фудбалер. Терените на која работевме беа одлично подготвени за работа, а и се друго што ги следи овие подготовки, кој за самите подготовки додава:
-Од тука од Битола за Турција заминавме со тим составен од млади фудбалери кои никогаш досега не се познавале, а камоли да играле заедно. По четиринаесет дена подготовки мо-жам слободно да кажам дека имаме тим кој покажа на контролните средби дека може да се носи со силни и далеку поискусни екипи, а како пример би ја споменал екипата на Динамо Киев, која во својот состав има дури осум младински репрезентативци до 21 година. Сега имаме тим кој е воигран и кој може да се спротистави на било екипа од Македонија. Големо засилувања имаме и со новиот голман Милош Драгојевиќ, кој со 25 години е комплетен голман со сите предиспозиции. Покрај него и повредениот Пашовски ќе има мотив за работа и за надоградба.
Проблем за Хаџиевски беа повредените фудбалери, кои како што вели полека се враќаат.
-Двајца нови фудбалери во дресот на Пелистер Становски и Билали не покажаа што знаат на средбите во Турција поради повредите кои за жал ги задобија на почетокот на подготовките. Се надевам дека тоа за нив е минато и дека во наредниот период ќе го покажат нивниот квалитет и ќе бидат подготвени за стартот на пролетниот дел.
За битолчаните кои се повредени Хаџиевски вели дека полека влегуваат во форма, а само Атанасов одиграл солидно на последниот контролен натпревар по повредата. Тој од него очекува да ја покаже играта од есенскиот дел, кога беше еден од првотимците во Пелистер.
“Пелистерци“ во Битола се вратија во неделата, од тренерот Хаџиевски добија само еден слободен ден во понеделникот. Тие ги започнаа завршните подготовки за пролетниот дел.
-До крајот на подготовките ќе тренираме во Битола, а тука ќе одиграме и два контролни натпревари. Најважниот завршен натпревар ќе биде против екипата на Влазрими, на кој ќе играат оние фудбалери кои се надевам ќе бидат стартери и на 1 март, против Брегалница. Како што реков веќе го имаме концептот каков треба да биде Пелистер, но сепак секој кој ќе добие шанса мора да ја докажува.
Инаку, Пелистер пред една седмица во Анталија е поразен од екипата на унгарскиот лигаш Дебрецин, минимално со 1:0, а тоа беше трет по ред натпревар на подготовките. Фудбалерите на Пелистер натпреварот го загубија со 1:0 со голот на Берецки во 88 минута.
Потоа, следуваше и нов пораз од екипата на Димано Киев, втора екипа, со 2:0. На оваа средба екипата на Пелистер, со скоро ист состав како и на претходните средби настапи со: Драгојевиќ, Петковски. Чесмеџиев, Велковски, Смоковски, Тодоровски, Мустафов, Митиќ, Љамчевски, Миленковски, Цилиридис, а уште играа: Ристевски, Стајев и Мирчевски.
И покрај поразот битолчани имаа позитивни моменти во второто полувреме, кога ги имаше и единствените шанси за гол.
Хаџиевски на сите четири средби го потврди тимот кој играше на скоро сите натпревари во Анталија, а најверојатно ќе започне на пролет, но тука ќе мора да ги споменеме и повредените кои во меѓувреме ќе бидат комплетно подготвени. Поради повреди во Анталија со помал интензитет работеа Анастасов, Пашовски, Степановски, Крстески, Трајковски, Талевски.
Инаку на претходните два контролни натпревари во Анталија, Пелистер загуби од Шахтар Караганди од Казахстан со 1:0, но го совлада Колхети Поти од Грузија со 2:0.
До стартот на пролетниот дел договорени се уште два контролни натпревар утре на 21 февруари против Влазрими и на 24 февруари против третолигашот Победа.
С.Ристевски