Don't Miss
Home / Градска хроника / Измамничка брачна двојка од САД се луксузира(ше) во Битола

Измамничка брачна двојка од САД се луксузира(ше) во Битола

Приказната е навистина несекојдневна и невообичаена. Додека битолските туристички работници тријат раце поради добрата летна туристичка сезона и големата посета на наши иселеници од европските и прекуокеанските земји во Битола, неколку битолски хотелиери ова лето долго ќе го паметат, а истото сигурно нема да го заборави ни сопственикот на приватната болница за гинекологија и акушерство “Плодност” од Битола, д-р Таше Трпчевски. Сите тие деновиве беа жртви на измамничка “брачна” двојка од САД, кои претставувајќи се како зафатени бизнисмени и лични пријатели на амбасадорот на САД, Пол Волерс, не само што подолго време бесплатно се луксузираа во Битола, користејќи ги услугите на неколку битолски хотели, туку без да платат на свет донесоа и женски близначки, чија судбина во моментот никој не ја знае.
-Беше доцна во ноќта, кога маж и жена на возраст од околу 40 години со едно мало дете дојдоа во болницата за да се породи жената. Со оглед на тоа што жената беше во поодмината бременост таа само што влезе во болницата, уште во лифтот почна да чувствува породилни болки и ние веднаш ја внесовме во салата за породување.  Најпрво по природен пат се породи првото дете, женско, тешко 1.500 грама, а веднаш потоа почна да излегува и друго женско бебе, кое поради компликации го породивме со царски, тешко 1400 грама.
Кога му соопштивме на сопругот дека доби две женски деца тој премногу се израдува, бидејќи ни тој, ни неговата сопруга не знаеле дека таа “носи” близначки и за да биде цело време, наводно, со сопругата го закупи најлуксузниот апартман во болницата со 24-часовна “олинклузив услуга”, ни раскажува сопственикот на болницата д-р Таше Трпчевски.

tase 1

д-р Таше Трпчевски

 

Според Трпчевски, цело време додека “американската брачна двојка” престојувала во болницата, медицинскиот и другиот персонал им биле 24 часа на услуга, а “Американецот” бил толку многу пребирлив што вработените во болницата не знаеле како да му ги задоволат сите негови барања.
Со оглед на тоа што девојчината на свет дојдоа предвреме и беа мошне ситни, тие биле ставени во инкубатор и два дена подоцна со возило за итна помош, сопственост на Болницата, бебињата биле транспортирани во скопските клиники каде што требало да поминат извесен период на закрепнување, а мајката била задржана во болницата да се опорави од породувањето.
И додека бебињата биле во Скопје, во битолската болница се луксузирал среќниот татко, од САД, чекајќи неговата сопруга да се опорави. За тоа време тој уживал во раскошниот апартман на болницата и се играл со детето во блиската игротека, која се наоѓа во непосредна близина на болницата.
И додека Американецот примал честитки за донесувањето на свет две бебиња, во болницата пристигнале двајца сопственици на битолски хотели, кои го известиле д-р Трпчевски дека кај него, во болницата е измамникот кој долго време престојувал кај нив и без да плати се иселил.
И тогаш почнува да се одмотува клопчето за “богатиот Американец”. Сопственикот на болницата “Плодност” им побарал документи за идентификација на американската брачна двојка и да платат за породувањето и користењето на апартманот. Во меѓувреме барање за идентификација на мајката пристигнало и од скопските клиники.
-Иако кога ми соопштија сопствениците на хотелите дека во болницата престојува измамникот кој ги прелагал нив, кај мене се јави сомнеж, сепак тој со својата слаткоречивост повторно ме (раз)убеди дека се ќе биде во ред. Најпрво ми побара жиро-сметка да ми плати преку некоја американска банка, а за документите ми рече дека во брзањето навреме да се породи неговата сопруга ги заборавил и дополнително ќе ги донесе. Потоа ме замоли да ги известам во Клиничката болница во Скопје дека бебињата сака да ги посети американскиот амбасадор Пол Волерс, со кого лично се познавал и кој, наводно, се интересирал за нивното здравје. Кога ја известивме Клиниката во Скопје дека бебињата ќе ги посети Пол Волерс, луѓето таму се подготвуваа да го пречекаат амбасадорот, но од него ни трага ни глас.
Но, гостинот од Америка продолжил со неговите лаги. Тој му соопштил дека, наводно, поради обврски Волерс не можел тој ден да ги посети бебињата и дека тоа ќе го направи другиот ден. Но, и другиот ден посетата на Волерс се одложила. Бидејќи од Клиниката во Скопје инсистирале на идентификација сопственикот на болницата “Плодност” случајот го пријавил в полиција и побарал од среќниот татко да плати за породувањето и за услугите. Но, и тоа многу не го вознемирило Американецот. Тој и натаму си уживал во луксузниот апартман. Не се возбудил многу ни кога инспектори на битолската полиција го повикале на сослушување, а и брзо се вратил во болницата. Дури по пријавата на Трпчевски во МВР утврдиле дека се работи за познат измамник Р.Б. од селото Мешеишта, Охридско и неговата сопруга В.У. од Охрид, на возраст од 41 година.
-Тогаш сфатив дека сум изи-гран и измамен и откако на едно ливче потпиша колку должи за породувањето и услугите, ги избркав од болницата. Од тој момент не знам, не само што се случува со него и неговата сопруга и каде се во моментот, туку не знам и што станува со двете женски бебиња кои ги доведе, наводно, неговата сопруга на овој свет, вели Трпчевски. Како и Трпчевски, без да можат да ги наплатат своите услуги останаа и сопствениците на хотелите во Битола. Каква е судбината на бебињата никој не знае. Но, најверојатно тие ќе станат грижа на Центарот за социјални работи и ќе бидат згрижени во Домот за доенчиња без родители во Битола.

Дали измамничката брачна двојка од САД, ќе ги побара никој не знае.
Според Трпчевски најважно е тие да бидат живи и здрави и да имаат среќно детство, но негова желба е тие да не бидат воспитувани од родители какви што се брачната двојка од Мешеишта, која привремено или постојано живее во САД и која откако ги остави да бидат грижа на државата, ќе продолжат со своите измами бесплатно да се луксузираат претставувајќи се како имотни Американци, пријатели на амбасадорот на САД, Пол Волерс.

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*