За тероризам и терористичка организација во Диво Насеље судот прогласи за виновни 33-ца обвинети. Седуммина од нив, Анди Красниќи Aлијас командант Малишева, Деме Шеху, Фадиљ Фејзулаху Насуф Бекири, Валдет Зекај, Бек Бајра, Фејзула Рушитовски добија доживотни затворски казни. Четворица обвинети кои се водеа како логистика на извршителите беа ослободени оти за нив немало доволно докази. Тринаесетмина обвинети добија по 40 години затвор, а шестмина беа осудени на дваесет години затворска казна. Останатите казни се движат меѓу дванаесет и осумнаесет години
Влегуваањето на судијката во полната судница пред да ја прочита пресудата беше дочекано со пеење на албански песни, скандирања на УЧК и пораки од обвинетите дека се жртви на политички монтиран процес. Еден од нив се разголе и револтирано упатуваше пораки до судечкиот совет. Во таква тензична атмосфера судијката Верка Петковска реши да ги изнесе обвинетите од судница и ја читаше пресудата во нивно отсуство, пред адвокатите, новинарите и роднини на обвинетите кои вознемирени од одлуките ја напуштаа судницата.
„Заради оваа политика што е тука, заради 13 години затвор. Сега никој не знае зошто 13 години. Одговорот барајте го кај тие што се на власт, тие знаат подобро“, вели роднина на еден од обвинетите.
Адвокатите негодуваа за високите казни и обвинија дека зад нив се крие политика.
„Ние како одбрана и не очекуваме некои коректни казни меѓутоа не очекуваме и вакви драконски. Ако се има предвид дека се работи за едно обвинителство би рекол што се уште не е реформирано и мислам дека ваквите казни како бранители ги очекувавме, бидејќи знаеме дека се работи за класичен монтиран предмет кривичен, а на таков монтиран предмет соодветствуваат драконски казни“, вели Насер Рауфи
„Ние се надеваме дека повисоките судови и посебно СЈО кое што знаете дека и ние од страна на одбраната е поднесено барање за превземање на овој случај во понатамошните делови од постапката посебно во второстепениот и во третостепениот суд ќе докажеме дека не постои кривично дело тероризам и кривично дело терористичка организација“, вели Асмир Алиспахиќ.
Од друга страа, судиите се повикуваат на бројни докази кои биле изведени во текот на целиот процес. Судот располагал со докази за оружјето пронајдено пред 9 мај во караулата во Гошинце, како е превезено кој го сокрил, како на први и втори мај првата група од Косово влегле во Македонија, каде се засолниле, кој им помогнал. Докази судиите обезбедиле и за текот на акцијата, како преговарале, како се предале. На 9 и 10 мај пред две години вооружената група ја нападна полицијата и во судирот загинаа 8 припадници на македонските безбедносни сили.