Македонската поп-пејачка Тамара Тодевска, со својот енергичен концерт вечерва сериозно ги размрда карпошани. Музичката икона, во придружба со својот бенд го раздвижи Карпош во ритамот на музиката и успеа да ја собере досега најбројната публика во рамките на „Културното лето Карпош-2017“. Со својата беспрекорна реакција на сцената и извонредниот вокален перформанс, Тамара одлично комуницираше со љубителите на добрата музика. Покрај бројните аплаузи и воздишки, таа успеа да ги мотивира карпошани, заедно со неа да ги потпевнуваат звучните рефрени од нејзините познати хитови, „Трофеј“, „Залудно е“, „Врвот е дно“, „1003“, „Тажна љубов“ и многу други.
За секоја пофалба е и настапот на македонска музичка надеж – некогашната „Пинкова ѕвездичка“, Лина Пејовска, која успеа да ја „загрее“ публиката со своите чудесни гласовни способности. Младата Лина отпеа неколку прекрасни песни на почетокот на шеснаесеттата културна вечер, со што, на перфектен начин го најави доаѓањето на сцената на музичката поп-дива, Тамара Тодевска.