Во мојот 4 годишен мандат ќе ги вложам сите напори за да го вратам сјајот во конзулска Битола. Очекувам длабока соработка со централната власт, со МНР. Денешното присуство на министерот за надворешни работи, почитуваниот Никола Димитров како и неговиот државен секретар, наш драг битолчанец и искусен дипломат господинот Виктор Димовски всушност го потврдуваат ова. Мојата цел ќе биде да се зајакне соработката со почесните конзуларни претставништва во Битола, да се зголеми нивниот број и секако да се зголеми бројот на збратимени градови на Битола со други градови од целиот свет- изјави кандидатката за градоначалник на Битола од СДСМ и Коалицијата “За живот“, Наташа Петровска.
Кога мислам на зголемување на соработката најмногу ми значи таа соработка да не биди само на културен план туку особено ми значи да се прошири и на економски план. Знаеме дека демографската слика во Општина Битола долги години наназад покажува пад, стареење на населението, младите ни заминуваат и ние мора да отвориме перспектива за нив, ние мора да отвориме перспектива за млади и средни бизниси, ние мора да ја отвориме нашата економија кон светот и светот да дојде тука кај нас во нашиот град. Само така ќе можеме да ја задржиме Битола во еден сјај каков што го имала во далечното минато и да се гордееме со нашиот град онака како што сме се гордееле- посочи денеска Петровска од битолски Широк сокак.