Don't Miss
Home / Вести / Кошаркарите на Пелистер го одиграа својот најдобар натпревар оваа сезона: Моќна победа „со камата“ над Шкупи

Кошаркарите на Пелистер го одиграа својот најдобар натпревар оваа сезона: Моќна победа „со камата“ над Шкупи

Кошаркарите на Пелистер го одиграа својот најдобар натпревар оваа сезона, доминирајќи на гостувањето против Шкупи за преубедлива победа од 70-103.

„Зелено-белите“ делуваа импресивно на теренот, особено со одбраната во втората и во третата четвртина кога создадоа преубедлива предност, целосно исполнувајќи ги задачите дадени од тренерот Трајковиќ.

Поразот од Шкупи во првиот дел од сезоната беше само мотив повеќе за вечерва Пелистер да одигра максимално фокусирано, да ја демонстрира разликата во квалитет и на крајот да слави со убедливи „плус 33“.
Костоски го отвори мечот со тројка, искусниот плејмејкер постигна пет од првите седум поени на Пелистер на мечот (3-7), а Шкупи успеа да парира барем во голем дел од првата четвртина.

Битолчани преку Мишковиќ и Пандев ја завршија четвртината со 22-27, како најава за апсолутната доминација во наредните 20 минути.
Цврстата одбрана беше рецептот за успех во овој период, додека Мишковиќ на спротивната страна го полнеше кошот на противникот. Шкупи постигна само десет поени во втората четвртина и на одмор се замина со убедливи 32-58 за „пелистерци“, за нашиот тим да одигра уште подобро во одбраната во третиот период во кој домаќинот постигна само девет поени (9-26).
Последната четвртина беше само рутина во која Трајковиќ им даде шанса на дел од помладите кошаркари, кои успеваа да ја одржат убедливата предност до убедливи 33 поени разлика како конечен исход на овој натпревар.
Мишковиќ одигра извонреден меч и со 33 поени, 10 скокови и 7 асистенции беше лидер на Пелистер, Галовеј постигна 16 поени во првиот меч во дресот на битолчани, Костоски имаше 13, а Пандев десет поени за „зелено-белите“.
Оваа победа дефинитивно е добра увертира пред дербито со Работнички што е на програмата во рамките од следното коло, а ќе се игра во нашата сала „Боро Чурлевски“ во Битола.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*