Don't Miss
Home / Колумни / Крокодилските солзи на еден новопечен Бугарин

Крокодилските солзи на еден новопечен Бугарин

Во првиот момент не можев да верувам, дали разговарам со човекот кој мислев дека добро го познавам, или со сосема нов човек, кој откако стана(л) благонадежен Бугарин, толку се осили(л) што како некој голем Европеец собра храброст и си дозволи слобода да ми се истресе мене, како на некој последен балкански отпадник, кој себеси се декларира како Македонец.
Го гледа(в)м човекот за кого мислев дека ми е пријател, како ми се врекнува како јас да сум негов најголем непријател и виновник што тој станал Бугарин.
Искрен да бидам, слушајќи ги неговите зборови, дали поради мојата збунетост, или затеченост, ми требаше долго време да сфатам што сака човекот да (ми) каже.
Иако се обидував никако не можев да го прочитам дали мојот пријател се гордее со тоа што станал Бугарин и ме жали мене што сум останал Македонец, или пак јас сум виновен за неговото задоцнето национално освестување.
Откако ми се пофали дека деновиве, конечно, го зел бугарскиот пасош, за него и неговото семејство, новопечениот благонадежен Бугарин почна надолго и нашироко да ми раскажува какви се привилегии има сега тој со пасошот на бугарски граѓанин. Иако можеби нема да биде најпрецизно интерпретиран, сепак мислам дека токму така се изрази.
-Сега да ве видам вас, Македонците како се чувствувате кога чекате ред на границите, а јас како вистински дипломат, со мојот бугарски пасош, без никакво задржување ги минувам границите низ цела Европа. Кога другите ме советуваа да станам Бугарин им се смеев. Но сега видов дека сум бил будала и згрешив што чекав да поминат толку многу години за конечно да се освестам и да земам бугарски пасош, кој широко ми ги отвори вратите во Европа, ми се пофали деновиве новопечениот благонадежен Бугарин од Битола.

Иако се обидував да го разубедам дека тоа што го зборува е, најблаго речено, глупост и тоа е негова одлука на која немам намера да му контрирам, сепак гледајќи како е запален со својата бугарштина не издржав да не го прашам прво како и каде ги најде своите бугарски корени, а и тоа како се чувствува тој во моментот на Широк сокак, како битолчанец и Македонец, или како бугарски турист, кој дошол на гости во својата родна Битола.

-Јас сум Македонец, но сега сум Бугарин, а корените ги најдов како и сите други пред мене, за пари. Едноставно си платив и станав Бугарин, ми одговори благонадежниот Бугарин од Битола.

Иако лично никого не можам да го сфатам зошто многу лесно и наивно, преку ноќ се откажуваат од својата национална припадност и за да ја здувнат оттука преку ноќ стануваат Бугари, сепак, мислам дека мојот пријател, кој, патем речено, е добро ситуиран, според мене, требаше да биде последниот Македонец кој имал причини да се откаже од својата македонска припадност и да стане Бугарин.

Додека многумина сиромаштијата едноставно ги натера да заборават на тоа што биле и тоа што се и да станат благонадежни Бугари за да најдат работа во некоја од европските земји, сепак, мојот пријател немаше апсолутно никаква причина за тоа, бидејќи, најблаго речено, не страдаше за пари, туку од пари.

Искрен да бидам, неговата судбина немаше воопшто да ме испровоцира да пишувам за него во овој текст, бидејќи кај нас потрагата по бугарско државјанство не е никаква новост.

Иако за тоа нема некои егзактни податоци, сепак кај нас дојде време кога Бугарите се множат како печурки по дожд.

Но тоа што ме испровоцира да го напишам овој текст е ароганцијата на мојот пријател, новопечен Бугарин, кој не само што ликува дека станал Бугарин, туку се осмелил толку многу дури да ни држи лекции колку звучи гордо да си Бугарин. Во изминатиот период во неколку наврати сум пишувал дека додека како држава настојуваме по секоја цена да го сочуваме името и идентитетот, ние го загубивме народот. Настојувајќи што побрзо да дојдат до заработувачка, или подобар живот, многу наши сограѓани едноставно се одлучија да заборават на својата национална припадност и станаа Бугари.

Тоа што сите тие потпишуваат изјави дека имаат бугарски корени и дека се чувствуваат Бугари, еден ден ние како држава и како македонски народ скапо ќе го платиме, бидејќи Бугарија како земја, која се уште ја оспорува нашата историја, еден ден повторно ќе не тепа со бројноста на Бугарите во Македонија и за остварувањета на нивните права. Но тоа што особено ме загрижува е што никој во државата не сака да се занимава со прашањето за брзата бугаризација на Македонија.

Никој во Република Македонија не сака да го отвори ова прашање и да се запраша што ни се случува и до каде ќе одиме со ваквата брза бугаризација. Ако најголемиот број наши сограѓани во настојувањето да дојдат до заработувачка не размислуваат за своите постапки, никој не може да ги амнестира од (не)одговорноста надлежните институции и државниот апарат што дозволи толку лесно голем број Македонци да стануваат Бугари, притоа потпишувајќи изјави дека имаат бугарски корени и дека се чувствуваат Бугари.

Никој во Македонија не се прашува каде ги најдоа толку брзо своите бугарски корени и што е тоа што ги тера да ги сменат своите национални македонски чувства со бугарски.

На ваквата бугаризација треба и мора сериозно да и се пристапи, зашто во спротивно ќе станеме земја во која ќе живеат многу други народи, а најмалку Македонци. Во тој случај џабе ќе го зачуваме името на државата и националниот идентитет, кога во Македонија Македонците ќе бидат малцинство.

Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*